Секнаа парите за Панорамско тркало

од Vladimir Zorba

 Агенцијата за електронски комуникации – финансиер на Панорамското тркало годинава нема да донира пари на сметката на ЈСП за изградбата на овој скап проект. Од АЕК за ТВ 24 велат дека вишокот на средства ќе ги употребат за други цели. Владата пред неколку дена ја повика АЕК да престане да ја финансира изградбата, но од АЕК не појаснуваат дали нивната одлука е донесена по барањето на Владата.

 
„Агенцијата со предлог измените на Годишниот финансиски план на АЕК за 2017 година, а поради потребата од пренамена на средства поради ново утврдени потреби како и распределбата на вишокот од предходната година согласно член 29 став 8 од Законот за електронските комуникации, во ставката донации нема предвидено средства, па измената ја стави на јавна расправа и истата е објавена на нашата ВЕБ страна.“
Од ЈСП пак велат дека како инвеститор се обврзани да го реализираат проектот, но не одговрија дали доколку АЕК не им ги префрли остатокот од парите ќе ја завршат изградбата и од каде ќе обезбедат средства.
„Ве известуваме дека ЈСП СКОПЈЕ целиот проект го финансира од донации. Претпријатието како инвеститор во целост е обврзан да ги почитува сите одредби од договорите за реализација на проектот.“ – велат од ЈСП.
На прашањето дали Град Скопје може да ја стопира изградбата на тркалото – Градоначалникот Трајановски  вели дека надлежноста е во рацете на Јавното сообраќајно претпријатие.
„Тоа е проект на ЈСП, и треба да го прашате директорот, имаше на совет на точка на дневен ред, ги добивте сите информации.“ – вели Коце Трајановски – Градоначалник на Град Скопје
Сепак, одлуката за изградба на тркалото ја донесе Градот Скопје уште во 2014- та година.

Слични содржини