Села до среда не се враќа од САД – од таму порача: Не гледам причина зошто здравството да го менуваме за друг ресор

од desk4

Социјалдемократите ја донесоа оваа одлука иако нивниот коалициски партнер, Зијадин Села,до среда не се враќа од САД, информира АлсатМ.

Алијансата за Албанците се уште не одлучила дали ќе ја прифати функцијата вицепремиер за реформи или не.

Органите на партијата ќе се сретнат во текот на неделава за да донесат конечна одлука.

„Ние не правиме договори за нешто што веќе сме го договориле во времето кога се склучи договорот за формирањето на Владата. Во времето додека како Алијанса за Албанците управувавме со Министерството за здравство, управувавме правично и успешно. Не гледам причина зошто би требало Министерството за здравство да го менуваме за некој друг ресор. Ако на премиерот му пречи успехот, тогаш треба да му се обратите нему. На Алијансата за Албанците и припаѓаат две министерства, здравството и локалната самоуправа“, вели Села за Алсат.

Сепак, извори во СДСМ за Алсат брифираат дека ако партијата на Села ја прифати функцијата вицепремиер за реформи, тогаш ќе остане во Владата, во спротивното нема што повеќе да и се понуди.

Од друга страна, ДУИ не дава никакви информации кои се имињата кои претендираат на функцијата во Министерството без ресор за странски инвестиции, каде на чело беше актуелниот градоначалник на Струга, но и за нов заменик-министер за образование, функција која ја имаше актуелниот градоначалник на Чаир.

Нема промени во Министерството за локална самоуправа со кое раководи НДП, партија која во парламентарното мнозинство учествува со само еден пратеник.

Слични содржини