20539golema

Советот за етика во медиумите на Македонија изразува сериозна загриженост по објавувањето на аферата со прислушувањето новинари, сметајќи дека со тоа се нанесува голема штета и последици врз работата и угледот на новинарите и врз работењето на медиумите воопшто.
Прислушувањето на новинарите сериозно ја прекршува слободата во изразувањето и во такви услови не може да стане збор за етика во информирањето на јавноста. Ова е целосно недозволиво во едно слободно и демократско општество.
Новинарите имаат право да добиваат и објавуваат информации, а истовремено да изнесуваат критички ставови. Тие имаат право на свое мислење и убедување, како и на негово искажување преку средствата за јавно информирање. Во својата работа новинарите не смеат да бидат изложени на притисоци и да бидат принудени да дејствуваат спротивно на своите размислувања или убедувања.
Советот смета дека новинарството како професија има голема улога во заштитата на демократските вредности, а во работата на новинарите е неопходно да се создадат сите услови за информирање на јавноста на чесен, непристрасен и сеопфатен начин.

Слични содржини