Сервер: Трамп итно да постапи и да го зачува мирот на Балканот

од Vladimir Zorba

   Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп треба итно да постапи за да го зачува мирот и стабилноста на Балканот, пишува американскиот аналитичар Даниел Сервер во најновото издание на списанието на Советот за меѓународни односи. 

Во текстот, кој го пренесува „Гласот на Америка“, се наведува дека долгогодишниот експерт за Југоисточна Европа ги изнесува опциите за решавање на кревката политичка и безбедносна ситуација на Западен Балкан.

Сервер како една од главните причини за нестабилност го смета мешањето на Русија, за која нагласува дека не сака прозападен и продемократски развој на тој дел од Европа. Тој истакна дека за неговите препораки се информирани и Конгресот и Белата куќа.

Сервер не предвидува нова, голема војна на подрачјето на Западен Балкан, но не ја исклучува можноста за избивање насилство поради екстремистите во Албанија, Македонија и Србија, кои, според него, би можеле да доведат до нов бран етничко чистење, злосторства против човечноста, поместувања на граници, натамошна исламска радикализација, како и колапс на актуелните институции во регионот.

Американскиот аналитичар се залага за зајакната западна дипломатска и економска интервенција, со цел да се спречи евентуален хаос на Балканот.

Според него, треба да постои многу поактивно ангажирање на САД отколку досега.

– Тоа би била нова американска иницијатива, но во областа на само неколку најважни прашања, вклучувајќи ја уставната реформа во БиХ, статусот на Косово и прашањето за името на Македонија, пишува Сервер.

„Гласот на Америка“ нагласува дека според оценката на Сервер, две најлесни мети за руско мешање на подрачјето на Западен Балкан се Република Српска и Македонија.

– Русија ќе направи апсолутно се што може за да го спречи влезот на Македонија во НАТО, како што се бореше против членството на Црна Гора во Алијансата, додека во Република Српска ќе преземе се што треба за Милорад Додик никогаш да не прифати ниту еден предлог за уставна консолидација на БиХ, оценува Сервер, додавајќи дека САД треба тоа да го измени.

Тој смета дека и Конгресот треба да одигра поенергична улога кога станува збор за Западен Балкан.

– Важно е дека американските дипломати, посебно нашите амбасадори во регионот, имаат чувство дека Конгресот стои зад нив. По заминувањето на администрацијата на Барак Обама и доаѓањето на владата на Доналд Трамп, нашите дипломати не беа сигурни дали Конгресот ќе ги поддржи. Се надевам дека моето пишување ќе биде корисно во тој поглед, пишува Сервер.

Тој на крајот предлага и именување на специјален пратеник за Западен Балкан со задача да изврши проценка за успехот и недостатоците во спроведување на мировните договори во БиХ и во Косово, како и да понуди конкретни препораки за натамошна американска политика при решавање на актуелниот застој во ЈИЕ.

Слични содржини