Шасивари за Алсат М: Законот за Албанскиот јазик нуди унапредување на неговата употреба, но не и негова официјализација

од desk2

Ниеден закон не може да понуди конечно решение за целосна официјализација на албанскиот јазик. Правниот експерт Јетон Шасивари објаснува дека во Уставот, албанскиот јазик не е одреден како државен јазик, туку како јазик на кој комуницира една индивидуа или страна, информира Алсат М.

„Конкретниот закон ќе понуди проширување или унапредување на албанскиот јазик преку разни државни институции на централната власт, но тоа нема да значи дека албанскиот јазик ќе се официјализира како државен јазик или како јазик на органите на државната власт бидејќи пристапот ќе биде според Член 7 став 5 од Уставот на Македонија, каде албанскиот јазик е предвиден како јазик на странката, на индивидуата и на пристапот, на комуникацијата, на учесникот во процедурата, бидејќи е јасно дека во уставното право, официјалниот јазик се одредува како државен јазик и како јазик на органите на државната власт.“ – изјави Јетон Шасивари, професор

Во услови кога меѓу партиите нема договор за измена на Уставот, албанологот Ајтене Ќамили вели дека паралелно со новиот закон за албанскиот јазик би требало да се донесе и друг закон за негова заштита, што би предвидувало санкции за оние институции кои нема да го спроведуваат и користат.

„Доколку не постои некаква глоба или казнување тогаш законот нема да може да се спроведува. Секогаш треба да имаме предвид на законот кој ќе се донесе да не му се остава простор за манипулации.“ – изјави Ајтене Ќамили, албанолог

Но, Алсат веќе откри дека драфт-верзијата која беше договорена меѓу СДСМ и ДУИ предвидува да се формира посебен инспекторат кој со парични казни од 3 илјади евра би ги санкционирал институциите кои нема да ги спроведуваат одредбите за употреба на албанскиот јазик. Исто така, се планира да се формира и агенција за квалитет на преводот. Сепак, професорот Јетон Шасивари разјаснува дека ниту ова не е решение бидејќи уставната норма која ја регулира употребата на албанскиот јазик не е прецизирана како императивна норма, што остава простор институциите да не го спроведуваат законот во пракса.

„Уставната норма на Член 7, став 5 од Уставот не предвидува императивна норма во смисла на задолжително правило за однесување дека субјектите не можат да се откажат, без одредена санкција, туку претставува уставна норма што на субјектите им дава слобода да избираат. Значи, ако сакаат можат да го користат албанскиот јазик, но не се обврзани на такво нешто.“ – изјави Јетон Шасивари, професор

Драфт-верзијата за албанскиот јазик предвидува негова широка употреба во Собранието и во Владата. По усвојувањето на овој закон, албанскиот јазик исто така, би започнал да се спроведува и во судскиот систем. И нотарските акти би биле на албански. Сепак, постојат нејасности околу тоа дали албанскиот би се користел и за време на судските рочишта. Албанскиот јазик, според договорот на ДУИ и СДСМ, би се користел и во регионите низ Македонија каде што не живеат Албанците, како и на униформите на припадниците на безбедносните сили./извор Алсат М

Слични содржини