Шеќеринска: Должни сме да го оддржиме сеќавањето на загинатите припадници на безбедносните сили

од Vladimir Zorba

 – Како граѓани за чија безбедност, иднина и добросостојба загинатите припадници на вооружените сили ги положиле своите животи, должни сме да го одржиме сеќавањето на нив и да и дадеме значење на нивната жртва и да ја цениме, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на свеченото отворање на 7. Меморијален турнир во мал фудбал „Херои на Македонија 2001“, што се одржува во чест на загинатите бранители од 2001 и настаните во Куманово.

– Тоа треба да го правиме секојдневно, исклучително ми е драго што денеска тоа го правиме на еден посебен начин, преку спортот. Онаму каде што зборовите се недоволни, излишни и несоодветни таму уметноста, музиката и спортот многу подобро го изразуваат чувството, нагласи Шекеринска.

Таа истакна дека во знак на почит и Министерството за одбрана има свој тим на овој меморијален турнир.

– Токму слободата на нашите граѓани е она што Армијата го штити. За тоа се бореле. Кога ја имаме нив сме им должни да направиме се таа слобода да ја чуваме и цениме, порача Шекеринска и им изрази вечна слава на сите загинати припадници на Армијата на Република Македонија.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој, исто така, се обрати на отворањето на турнирот, истакна дека овој настан нема цел да ја ублажи болката за ненадоместливата загуба.

– Такво нешто е невозможно. Но, има за цел во името на нашата совест и во име на највисоката вредност човечкиот живот да не потсетува како луѓе и како општество никогаш да не заборавиме кому и што должиме, рече министерот Спасовски.

Тој порача дека жртвата на загинатите бранители ќе остане во колективната меморија на нашата држава и државност и ќе биде пример.

Меморијалниот турнир беше отворен со оддавање почит на македонската химна, и со едноминутно молчење во спомен на загинатите бранители.

Слични содржини