Откако по ослободувањето од обвиненијата за воени злосторства, му се зголеми популарноста, водачот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, се надева на политичко враќање меѓу босанските Срби, како и во својата матична земја-јави БИРН Бања Лука

vojislav-seselj-armed-with-his-militia-1991-croatia
Воислав Шешељ се надева дека ќе ја продолжи својата политичка кариера онаму каде што застана со неа, кога во 2003 година, замина во Хаг, за да се соочи со судење за воени злосторства.

Српската радикална партија на Шешељ (СРС), која во текот на изминатите две децении беше активна во Србија и во босанскиот ентитет Република Српски (РС), ослабе за време на неговото долго отсуство.

Нејзиниот политички простор и во Србија и во РС во меѓувреме го окупираа политички партии кои се свртија кон десницата и зазедоа позиции што се базираат на српските националистички и патриотски чувства.

Во услови на растечки конзерватизам и национализам, како и на зголемување на јавната фрустрираност од мејнстрим партиите во регионот, Шешељ виде доволно простор за политичко заживување и прави големи планови за неговото враќање, доколку Хашкиот трибунал ја потврди ослободителната пресуда во жалбена постапка, велат за БИРН извори блиски до лидерот на радикалите, кои сакаа да останат анонимни.

Според овие извори, Србија сѐ уште е главен фокус на Шешељ, но тој, исто така, сака да биде повеќе активен и во РС и да ја искористи својата популарност во овој ентитет, со цел постепено да ја обнови својата база на двете страни од Дрина.

Сепак, некои аналитичари сметаат дека неговиот обид да се врати веројатно нема да биде успешен.

„Неговата стара реторика и денес може да најде своја публика, но не толкава како во 90-тите“, вели за БИРН, Тања Топиќ, политички аналитичар од Фондацијата Фридрих Еберт од Бања Лука.

Иако неговата партија ја подобри својата позиција по изборите одржани минатиот месец, кога се врати во српскиот парламент, Шешељ сѐ уште нема ресурси и инфраструктура за да направи значителен чекор напред во Република Српска, вели Топиќ.

„Тој е тип на човек кој добива многу внимание од медиумите, така што луѓето мислат дека неговото влијание е поголемо отколку што навистина е. Инфраструктурата на неговата партија во РС е мала, а политичката територија што ја имаа, ја освоија други политички партии, со повеќе или помалку иста политичка матрица, но формулирана поинаку“, рече таа.

Шешељ се соочува и со други пречки. Главниот проблем е неможноста да патува надвор од Србија, до завршеткот на жалбената постапка пред Хашкиот трибунал. Вториот проблем е од правен карактер, а тоа е постоењето на три конкурентски српски радикални партии во БиХ.

Ривалски радикални партии во БиХ
Во првите неколку години по војната во БиХ, локалниот огранок на Српската радикална партија, кој го основа и водеше Никола Поплашен, беше меѓу првите две или три најсилни партии во РС.

Во 1998 година, Поплашен беше дури избран и за претседател на РС, како заеднички кандидат на Српската радикална партија и Српската демократска партија (СДС). Но, во 1999 година, високот претставник Карлос Верстендорп, го смени Поплашен од оваа функција, бидејќи тој одби да го именува Милорад Додик, за премиер на овој ентитет.

Босанскиот огранок на партијата дополнително ослабе по 2003 година, кога Шешељ доброволно му се предаде на Хашкиот трибунал.

На крајот, партијата се подели и во следните години се формираа три ривалски радикални партии, чие влијание и јавна поддршка и натаму слабеат, а нивната идеологија се оддалечи од оригиналните тврдокорни позиции на Шешељ.

Денес, само една од трите партии, Српската радикална партија на Република Српска (СРС РС), има свои претставници во Народното собрание на Република Српска (НС РС). Тоа се нејзиниот претседател и заменик претседател, Миланко Михајлица и Синиша Илиќ.

Како дел од опозицискиот блок, Сојузот за промени, во РС, СРС РС, заедно со некои бошњачки и хрватски партии, е дел од владејачката коалиција на државно ниво.

Ова е една од причините зошто Шешељ не ја признава СРС РС и негира каква било поврзаност со нив, иако таа е единствениот правен наследник на неговата партија.

Втора радикална партија е Српската радикална партија – Воислав Шешељ. Партијата е предводена од долгогодишниот претседател на партијата на Шешељ во Република Српска, Мирко Благојевиќ.

Шешељ не ја поддржува ниту оваа партија.

 

Повеќе ТУКА

 

Слични содржини