Формиран тим задолжен за односи со јавност во Владата

од desk2

Околу 30 луѓе поделени во шест тима, кои се распоредени во разни потсектори ќе работат за доближување на работата на Владата и министерствата до јавноста и граѓаните.

На попладневниот брифинг пред 30-ина новинари и уредници во Владата, портпаролот Миле Бошњаковски и советникот на премиерот за односи со јавноста, Марјан Забрчанец, пред новинарите ги презентираа идеите за работата на Секторот за комуникации, за кој, како што рекоа, имаат цел да биде сервис за граѓаните и медиумите.

Бројот понатаму ќе порасне до 40 соработници, кои ќе работат во тимовите за: евроинтеграции и итни реформски приоритети, меѓународни односи, потоа прес-тимот, тимот за организација на настани, тимот за нови медиуми и дигитална транспарентност и тимот за прес-клипинг, заедно со техничката поддршка.

На прашањето на еден од присутните новинари зошто е толкав бројот на соработници во пиар-тимот на Владата, беше одговорено дека таа бројка е дури и мала ако се земе предвид фактот дека станува збор за обемен сектор, кој покрива повеќе потсектори. Забрчанец потенцира дека личните ставови на одредени соработници ангажирани во Владата, кои се влијателни на социјалните мрежи, нема да бидат ангажирани преку коментари да ги бранат политиките на извршната власт.

Владиниот портпарол посочи дека со новинарите ќе се одржуваат неделни брифинзи по седниците на Владата, а се работи на отворање медија-центар за новинарите, од каде што тие ќе може да известуваат за активностите на Владата, слично како во Собранието.

Во фаза е менување на веб-страницата на Владата и министерствата, со што ќе се овозможи поголема транспаретност и достапност до граѓаните и медиумите.

Слични содржини