Шилегов: Со измените на Изборниот законик, Беса ќе стане дел од ДИК

од desk2

Петре Шилегов, пратеникот од редовите на СДСМ во Собранието, денеска на прес-конференција соопшти дека парламентарните политички партии постигнале договор да се измени Изборниот законик, односно да може претставник на Беса да седне на столчето во ДИК наместо претставникот на ДПА.

Според измените, составот на ДИК ќе се усогласува со пратеничките групи во Собранието, односно со воведените одредби ќе може да се разрешат политичките претставници во ДИК.

– Во составот на ДИК се двајца претставници од најголемата владејачка партија, еден претставник од втората владејачка партија, двајца претставници од најголемата опозициска партија и еден претставник од втората по големина опозициска партија, во случајот претставник што ќе треба во понатамошниот дел, пред почнување на изборната постапка, да го именува Движењето Беса. Тоа е суштината на овие измени. Во претходниот текст на Изборниот законик не постоеја одредби со кои Собранието можеше по пат на разрешување и именување да изврши ваква усогласеност на составот на ДИК, па имавме конфликт во делот што кажува како е составена ДИК, односно кои се нејзините претставници. Де факто, по завршувањето на изборите на 11 декември, составот на ДИК беше спротивен на резултатите од изборите – рече Шилегов.

По ова се очекува да следува разрешување на Бедредин Ибраими како член на ДИК предложен од ДПА.

Слични содржини