Шилегов: Стопирана е градбата на Панорамското тркало

од desk2

„Стопирана е градбата на Панорамското тркало“, соопшти денес градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.

„Градот Скопје нема потреба од него и имаме среќа што не е платено, па барем ќе заштедиме граѓански пари“, додаде Шилегов посочувајќи дека „за остатокот од објектите во коритото на реката Вардар, дел од постапките и процедурите се одвиваат во градската администрација и се бара мислење и соработка од други надлежни органи“. „За нас е приоритет безбедноста на Скопје“, посочи Шилегов.

Тој воедно истакна дека договорот со градежната фирма ДГ „Бетон“ АД Скопје е сторниран, а за позициите кои досега се изведени, како и за се во „Скопје 2014“, „Бетон“ е навремено платен.

„Натамошната фаза на договорот предвидува поставување на тркалото, што сега засега е сторнирано“, додаде Шилегов.

Скопскиот градоначалник информира дека во тек е правната постапка за галиите и најави оти во претстојните неколку дена надлежните инспекциски органи на Градот ќе ги посетат сопствениците на објектите за да се види нивната усогласеност со владините решенија, па ќе се преземат следните чекори.

Прашан дали ќе има дислокација на спомениците од проектот „Скопје 2014“, Шилегов рече дека екипи составени од повеќе надлежни институции утврдуваат протокол за тие случувања.

Слични содржини