Шојер од ЦСУ поранешниот германски премиер Герхард Шредер го нарече „руски војник“

од Vladimir Zorba

–  Генералниот секретар на германската Социјалхристијанска унија (ЦСУ), Андреас Шојер, остро го искритикува кандидирањето на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, за член на Советот на директори на руската нафтена компанија „Роснефт“, пренесе ТАСС.

-Поранешниот канцелар Шредер се претвора во руски војник, коментира Шојер во интервју, што денеска го објавува германскиот весник „Билд ам зонтаг“.

„Работата на Шредер во Роснефт мириса дека тука приватните економски интереси се мешаат со политиката“, смета претставникот на ЦСУ.

Социјалдемократот Шредер, кој на чело на федералната Влада беше од 1998 до 2005 година, е подложен на остри критики во својата земја, откако на 11 август руската Влада го предложи за член на бордот на директори на „Роснефт“.

Другите кандидати за бордот директори се поранешниот чувар на парите на американскиот  нафтен гигант „ЕксонМобил“ (ExxonMobil) Доналд Хемфрис, извршниот директор на „Норд стрим’ (Nord Stream AG), Матијас Варниг, и Олег Вугин, професор на руската Висока школа за економија.

Шредер од 2016 година го предводи бордот на директори на компанијата „Норд стрим 2“, оператор на проектот за гасоводот „Северен поток-2“. Пред тоа, политичарот беше на чело на конзорциум за изградба на првата етапа од гасоводот за испорака на гас од Русија во Германија, заобиколувајќи ги транзитните земји по дното на Балтичко Море, потсети ТАСС.

На 29 септември во Санкт Петербург ќе се оддржи вонредно собрание на акционерите на „Роснефт“ на кое ќе се разгледа исплатата на дивиденти за првите шест месеци од 2017 година и се очекува да се избере новиот состав на бордот на директори.

Главен акционер во „Роснефт“ е државното друштво „Роснефтегаз“ со удел од 50 отсто плус една акција. Вториот најголем акционер е „Бритиш петролиум“ (British Petroleum) со 19,75 отсто. Уште 19,5 отсто акции се сопственост на конзорциум меѓу рударската компанија „Гленкор“ (Glencore) и Катарскиот инвестициски фонд. с

Слични содржини