Поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис предупреди дека Шпанија може да стане како Грција, ако и бидат наметнати истите мерки за штедење, пренесоа Танјуг.

варуфакис

Во интервју за шпанскиот весник “Паис” Варуфакис рече дека Шпанците треба да ја анализираат економската и социјалната состојба во земјата и врз основа на тоа да го ценат она што е потребно на Шпанија, независно од тоа што се случува во Грција или некаде на друго место.

“Опасноста Шпанија да стане како Грција е секогаш присутна и ќе стане реалност, ако се повторат истите грешки, кои и беа наметнати на Грција”, истакна поранешниот грчки министер.

Варуфакис, економист со необични идеи за еврото и реструктуирањето на грчкиот долг, поднесе оставка еден ден откако на 5 јули Грците гласаа на референдум против условите на доверителите за нов пакет кредити. Грчката Влада сепак на самитот на еврозоната на 12 и 13 јули се согласи со уште потешки услови за добивање финансиска помош од оние против кои беше гласано на референдумот.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој и неговата конзервативна Народна партија предупредија дека Шпанија, на која оваа година и претстојат избори, може повторно да западне во криза, ако новосоздадената левичарска партија Подемос блиска до владејачката грчка партија СИРИЗА, победи на изборите и го промени економскиот курс на земјата.

Коментирајќи ги овие изјави, Варуфакис посочи дека Грција станала “еден вид фудбалска топка за десничарските политичари”, кои ја користат, за да се закануваат кон своите граѓани.

Шпанија во 2013 година излезе од петгодишната рецесија, а според прогнозите оваа година ќе достигне економски раст од 3,3 проценти. Невработеноста сепак е сеуште висока и достигнува 22 проценти, што ја рангираше на второто место во еврозоната по Грција.

Слични содржини