Во еден ден штипјани ги собраа парите потребни за да се платат казните на тројца учесници во протестите на „Шарената револуција“, поради боење и шарање на улица во градот. Прилозите се собираа во текот на целиот ден во едно од штипските кафулиња.

Донаторската акција заврши со забава, кога беше објавено дека се собрани потребните 1.300 евра за плаќање на прекршочните казни.

stip-protest

– Задоволни сме од акцијата и од помошта што штипјани ја собраа за да се плати казната на сограѓаните. Собравме 92.570 денари, што е повеќе од доволно за да се плати казната – велат од „Шарена револуција“.

Горан Трајков, еден од казнатите членови на „Шарената револуција“, рече дека се презадоволни од одзивот на граѓаните.

– Волјата на граѓаните се гледа од самата забава, од самата атмосфера – додаде Трајков.

На штипјани во донаторската акција им се придружија и „соборците“ од Скопје, меѓу кои и активистот кој двапати беше приведуван, Павле Богоевски.

– Дојдовме со комби, со автомобили за да ги поддржиме нашите соборци и да покажеме дека никој нема да биде оставен сам на себе во оваа борба. Притисоци има секогаш – во форма на апсења, прекршочни казни, пуштање абери, закани преку „Фејсбук“, непријатини разговори со полицајци и така натаму. Сепак, ние ја почнавме оваа борба и ќе ја водиме до крај, затоа што јасно знаеме која е нашата цел – рече Богоевски.

Донаторската акција по првичните проблеми на почетокот на неделата, се одржа без притисоци или какви било пречки.

МЕТА

Слични содржини