Радио Слободна Европа – Прага

Движењето Хизмет, на турскиот муслимански проповедник Фетулах Ѓулен, е една од најголемите исламски граѓански организации во светот темелени на верски убедувања и има цела мрежа на училишни институции и во државите на Западен Балкан.

Се смета дека движењето на поранешниот сојузник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој Ердоган сега го обвинува дека стои зад обидот за државен удар, има милиони следбеници и спонзори за 1.000 образовни центри темелени на исламските догми во 150 држави.

fethullah-gulen-10

Учениците и студенти во тие центри во многу земји често потекнуваат од сиромашни семејства, за кои се тврди дека всушност се лесни регрутни центри за движењето на Ѓулен, кое нема формална меѓународна структура и официјални листи на членови.

Властите на Ердоган го обвинуваат движењето Хизмет дека преку образовните институции што ги основало ги школува младите кои подоцна се инфилтрираат во турските институции, а во други држави каде делуваат во институциите на тие држави.

Меѓу нив се и балканските држави, па така и Босна и Херцеговина и Косово, во кои делува мрежа од предучилишни институции, основни и средни училишта, па се до универзитети, кои се поврзуваат со движењето на Ѓулен, но тоа властите, ниту надлежните во тие образовни институции никогаш не го потврдиле.

Во Босна и Херцеговина се присутни од 1997 година. Пред се, се работи за образовни институции под името „Босна Сема“, кои ги има 15, од предучилишните институции до универзитетите. Делуваат во Сараево, Бихаќ, Зеница, Тузла и Мостар.

„Босна Сема“ ја негира поврзаноста со Ѓулен и наведува дека е образовна институција во рамки на босанскохерцеговските училишта.

Чавушоглу: Русија е меѓу земјите кои ни покажаа најголема поддршка за време на воените метежи

– Сите наводи кои не доведуваат во врска со Фетулах Ѓулен се неточни, стои во едно соопштение.

Во последното соопштение наведуваат дека наводите во кои нивната работа се доведува во врска со настаните во Турција „нема никакви правни и суштински основи‟, па тоа „категорички го одбиваат како неточно и злонамерно‟.

Потсетуваат дека 80 отсто од кадрите се домашни и дека својата работа ја работат професионално и одговорно.

„Босна Сема“ и претходно ги отфрлаше тезите дека шири пропаганда на идеологијата на Ѓулен. Но, поранешни наставници и ученици наведуваат дека во рамки на овие институции задолжително се организира групно читање на книгите на Ѓулен, како и дека се спроведуваат неговите наредби. Тие наведоа дека се „бават само со воспитно образовни процеси, а не и со идеологија‟, како и дека политичкото дејствување внатре во нивните институции е строго забрането.

Меѓутоа, пратеникот на Партијата за демократска акција (СДА) на Бакир Изетбеговиќ во Парламентот на Федерацијата БиХ, Салмир Каплан, кој имал увид во принципите врз кои делува организацијата Хизмет, вели дека БиХ мора да биде внимателна.

– Нивната филозофија е во сите земји да влегуваат преку образованието, вели Каплан за искуствата на училиштата на Ѓулен.

Во БиХ тие се многу силни, токму поради лошиот и расцепкан образовен систем.

Елитизам

Во Босна и Херцеговина секако може да се отвори факултет, а никој да не влегува во суштината на тоа што навистина се случува под нивниот покрув, вели професорот на Универзитетот во Мостар, Славо Кукиќ.

– Првите факултети и училишта беа отворани на бензински пумпи, немаа простории, а сега исфрлија свои доктори на науки и функционираат по принцип во четврток да се запишеш, а во сабота, метафорички кажано, е дипломирањето. Секако дека општеството тоа ќе го плаќа со децении. Таквите нема да бидат кадар на кој ќе типува приватниот капитал. За жал, тие се вработуваат во државни институции и јавни претпријатија, коментира Кукиќ.

Токму врз тие основи работат и следбениците на движењето на Ѓулен, тврди Каплан. Делуваат прво полека, плаќаат патувања на угледни членови на општеството, им овозможуваат и повластици преку упис на нивните деца во училишни институции кои за приликите во БиХ се од многу елитистичен карактер.

– Откако ќе дојдат веднаш почнуваат да воспоставуваат односи со судството и безбедносните агенции со главните инспектори. Знам многу примери во БиХ каде се обиделе да воспостават релации. Не знам како тоа се завршило и дали успеале, но знам дека на тоа интензивно работат и дека во тоа инвестираат големи пари. Знам и дека многу луѓе од политиката, мои колеги, ќе бидат нивни гости во Турција. На ист начин на кој се однесувале со луѓето кои го изведоа воениот удар во Турција, се однесуваат и со луѓето во БиХ, тврди Каплан.

Илјадници ученици во училиштата на Косово

На Косово функционираат многу образовни институции кои се инспирирани од движењето Хизмет, додека во Министерството за образование велат дека овие училишта делуваат во согласност со косовските закони и немаат сознанија кој стои зад нив.

Косовскиот истражувач Јетон Мехмети при индивидуалното истражување за присуството на движењето на Ѓулен во Косово, дојде до сознанија дека тој со години функционира во Косово и дека успеал да создаде репутација дека помага при образованието на младите луѓе, придонесува за меѓуверски дијалог и повикува на толеранција.

Под образовната институција „Ѓулистан“, дејствуваат предучилишни институции, градинки, како и приватнита основни и средни училишта под името „Мехмет Акиф“ во Липљан кај Приштина, Призрен, Ѓаковица, населбата Маригона во близина на Приштина. Како што изјави за „Радио Слободна Европа“ заменикот министер за образование Усмен Балџи, овие училишта ги посетуваат над 1.500 ученици.

– Тие сите делуваат во рамките на „Мехмет Акиф“, го почитуваат Законот за предуниверзитетско образование на Косово и главно наставниот образовен процес се спроведува во рамки на наставниот план и програмата на косовското Министерство за образование. Имаат уредно издадени лиценци, така што се е во најдобар ред, што се однесува до образовниот процес и законот, истакнува Балџи.

Строги правила

Ученици во Босна и Херцеговина и Косово, кои се запишувале, а подоцна се отпишувале од училиштата кои се поврзуваат со движењето на „Ѓулен“, наведуваат „дека во нив важат верски догми и строги правила“.

Ајла од Приштина го посетувала училиштето „Мехмет Акиф‟ само една година. Како што наведе таа образованието е квалитетно, но од наставниот персонал постои голем притисок врз уѕчениците да се покоруваат, да учат за исламот и слично на тоа.

– Не ни беше дозволено да седиме во иста клупа со другарите. На екскурзиите девојките и машките се дружеа одвоено. Во текот на предавањата немаше такви притисоци, но во текот на воннаставните активности, да. Го следеа однесувањето на девојчињата и потоа родителите ги известуваа за тоа, истакна Ајла.

– Не ми се допаѓаше сето тоа и го напуштив училиштето, објаснува таа.

Движењето на Ѓулен има блиски врски со „Мехмет Акиф Колеџот‟ на Косово, иако функционираат одвоено.

Овој колеџ се придржува до државниот наставен план и е единствено меѓународно училиште кое се темели на науката, но учениците исто така учат и за етиката и моралот.

Во него нема предмети за религија, но на студентите покрај научното знаење, им се пружа и знаење за етичките вредности.

На Косово функционира и „Атмосфера на фондација за образование и култура‟, која е под патронат на движењето Хизмет и помогна во превод на книгите на Ѓулен на албански јазик.

Исто така, отвори и студентски дом во Приштина за тие кои се во тешка финансиска состојба и целта им е на младите да им пружат што подобро образование и сместување, наведуваат тие.

Махир Јагџилар, лидер на најголемата турска партија на Косово КДТП, воедно и министер на јавната администрација, на прашањето дали постои влијание на Фетулах Ѓулен на Косово преку образовните институции, тврди дека сите образовни институции на Косово функционираат според косовскиот образовен систем – со лиценца и дозвола.

– Ако се дозволи влијание, тоа не е добро ни за Косово, ни за миту една држава. Во таа смисла, влијанието е одредено со косовските закони, вели Јагџилар.

Во Црна Гора официјално нема училишта на Ѓулен

Со преглед на веб страниците на кои е список на над сто училишта на Фетулах Ѓулен, во цел свет, меѓу кои е и официјалната веб страна, се наоѓа и Универзитетот „Медитеран“ од Подгорица.

Од Ректоратот на овој Универзитет за „Радио Слободна ЕВропа“ одговорија дека наводите оти „Медитеран‟ е една од институциите која ја основал или на некој начин во неа има учество на Фетулах Ѓулен, се целосно неточни.

Универзитетот наведува дека се непријатно изненадени од објавите во кои се доведува во каква било врска со наведените луѓе и настаните во Турција. – Универзитетот „Медитеран“ е единствен Универзитет од Црна Гора кој е признат од Турскиот совет за високо образование и остварува успешна научно-истражувачка соработка со многу значајни универзитети во Турција, меѓу кои се Универзитетите „Ајдин“, „Гази“ и „Тургут Озал‟, се наведува во одговорот.

За тоа дали во Црна Гора постојат следбеници на учењето на Ѓулен или училиштата, го прашавме и реисот на Исламската заедница во Црна Гора, Рифат Фејзиќ, кој изјави дека се работи за невлијателни курсеви во Подгорица и Рожаје.

– Во Црна Гора постојат некои помали институции на Фетулах Ѓулен, поточно постојат во Подгорица и Рожаје, но не е до мене да се бавам со тоа. Тие институции не се толку силни како на пример во други земји во регионот. Тоа повеќе се темели на некои курсеви и на некои домови во Рожаје. Дознав дека неговата екселенција амбасадорот на Турција во Црна Гора јавно изјави дека очекува поддршка од сите земји во борбата против таа терористичка организација, вклучувајќи ја и Црна Гора. Мислам дека на тоа мислел, истакна реисот Фејзиќ.

Слични содржини