Што се менува со денеска донесениот Закон за употреба на јазиците?

од desk2

Во Законот што со 69 гласа „за“ денеска го донесе Собранието стои дека истиот ќе предизвика фискални импликации врз Буџетот на државата од 106 милиони денари (1,7 милиони евра) што ќе се обезбедат во буџетот на Република Македонија за 2018 година.

Дел од овие средства ќе се потрошат за двете нови институции – Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија, што ќе биде надлежна за стандардизирање и воедначена употреба на овој јазик и неговото писмо; и Инспекторат за употреба на јазиците, што ќе врши надзор над целосно и доследно спроведување на одредбите на овој Закон.

Со Законот е предвидено дека сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, имаат обврска да им овозможат на Албанците користење, употреба и примена на нивниот јазик и писмо во било која постапка, како и спроведување на тие постапки на тој службен јазик и писмо.

Ова се однесува на судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, постапка за извршување на санкции како и другите постапки предвидени со други закони, судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други обврзани институции.

Овде (како институции кои имаат обврска да им овозможат на Албанците користење, употреба и примена на нивниот јазик и писмо во било која постапка, како и спроведување на тие постапки на тој службен јазик и писмо) спаѓаат сите органи кои што ја сочинуваат државната власт (Собрание на Република Македонија, Претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, судство, јавно обвинителство), Уставен суд на Република Македонија, Народен правобранител на Република Македонија, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области

Секако, со Законот е предвидено и претседателот на Парламентот да може да зборува на албански во тоа својство.

Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите, покрај на македонски и на кирилско писмо, ќе се пишуваат и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Двојазични ќе бидат и униформите на полицијата; пожарникарството; здравството; во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

На граничните премини на Република Македонија и аеродромите кои се наоѓаат на подрачјата каде најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, називите на институциите, другите натписи и патокази ќе се пишуваат и на македонски и на албански.

Двојазични веб страници, со двојазични содржини, ќе имаат сите органи на државната власт./Капитал

Слични содржини