Силен земјотрес во Ирак и Иран со повеќе од 200 мртви

од desk2

Најмалку 214 лица загинаа,а повеќе од 2.800 се повредени во силен земјотрес што погоди област на иранско-ирачката граница во иранската провинција Керманшах.

Според податоците на иранската Национална организација за управување со несреќи, во Иран загинаа најмалку 207 лица, а повеќе од 2.500 се повредени. Иранските власти наведуваат дека бројот на жртви може дополнително да порасне, бидејќи спасувачките екипи се уште не пристигнале на дел од пооддалечените подрачја.

Земјотресот бил почувствуван во неколку ирански провинции, а најтешко го погодил Керманшах, каде е прогласена тродневна жалост. Во оваа област загинаа најмалку 142 лица, а најголемата болница е многу оштетена, така што на повредените не може да им биде пружена лекарска помош.

Земјотресот бил почувствуван и во Ирак, каде најмалку седум лица загинаа во делот на Курдистан, изјави курдскиот министер за здравство. Ирачките здравствени и локални власти наведуваат дека 321 лице е повредено во областа на Курдистан, а најпогоден е градот Дурбандикан.

Медиумите различно известуваат за интензитетот на земјотресот. „Ројтерс“ наведува дека се работи за земјотрес од 7 до 7,9 степени според Рихтер. „Тасс“, повикувајќи се на Европскиот сеизмолошки центар наведува дека се работи за земјотрес од 7, 4 степени, а други известуваат дека земјотресот бил со јачина од 7, 5 степени според Рихтер.

Неколку ирански и ирачки градови се без електрична енергија, а од страв од нови потреси илјадници луѓе останаа на улиците.

Иранскиот сеизмолошки центар регистрираше 50 последователни потреси.

Слични содржини