Симон Трпчески ја носи сета своја харизма на целовечерниот портрет на Фредерик Шопен“. Вака лондонските медиуми го најавија исклучителниот синоќешен рецитал на македонскиот пијано виртуоз од светски глас, правејќи споредба дури и со рецензијата на „Тајмс“ во која изведбата на дела од Шопен на неговиот компакт-диск од 2007-ма година беше оценета како вистинско „истражување на душата“.

Trpceski vo Barbican 2

За својот прв целовечерен рецитал во престижната лондонска сала Барбикан, Трпчески во изјавата за Македонското радио појасни:

„Промоторот во Барбикан центарот изрази желба да се претставам со Шопенова вечер. Генерално е голема честа да се добие ваква покана за солистички концерт во оваа сала, во која толку многу пати сум настапувал со Лондонскиот симфониски оркестар, а и во која токму со овој оркестар ќе се вратам во февруари наредната година. За мојот концерт понудив поширок дијапазон од композиторскиот опус на Шопен, негови мазурки, полонези, ноктурна и скерца. Се надевам дека овој концепт ја прикажа разноликоста во неговите генијални творечки вештини и различни музички форми, бидејќи секогаш е голема одговорноста да се изведуваат неговите дела поради нивната деликатност, вкус, стил и интерпретација. Се надевам и дека успеав да допрам до срцата на публиката и да и’ ги прикажам различните лица на Шопен во овие композиции“ – вели Трпчески, кој на стоечките овации на презадоволната публика во Барбикан им возврати со дури 5 изведби на бис.

По Лондон, Трпчески ќе настапува во Филаделфија, САД, каде што в петок и сабота како солист на Оркестарот на Филаделфија под диригентската палка на прославениот Џанандреа Нозеда ќе ја изведе „Рапсодијата на тема од Паганини“ од Сергеј Рахманинов, информира КултурОп со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.

 

Слични содржини