Сирија соопшти дека оди кон воена победа

од Vladimir Zorba

1474742563-2110960356

Сирија верува дека оди кон воена победа. Ова го објави од говорницата на ОН сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем.

Тој рече дека верата на неговата земја во воената победа е сега поголема, бидејќи армијата “напредува брзо во војната против тероризмот”, со поддршка на Русија, Иран и борците на либанската група Хезболах, пренесоа американските медиуми, цитирана од светските агенции.

Валид Муалем изјави од говорницата на Генералното собрание на ОН, дека Сирија е решена да го елиминира тероризмот од својата територија.

Тој истакна дека Владата на претседателот Башар ал Асад не се откажала од ангажманот за политички преговори под покровителство на ОН.

Но министерот додаде дека секое решение мора да ги следат две паралелни линии: зајакнување на борбата против тероризмот и меѓусирискиот дијалог, кој ќе им овозможи на Сиријците сами да ја одредат својата иднина.

Претставникот на режимот во Дамаск ја нарече умерената вооружена опозиција, поддржана од западните и арапските земји “терористи кои вршат злосторства против Сиријците, не помалку жестоки од злосторствата на екстремистите групи Исламска држава и Ал Каеда”.

Претходно беше соопштено дека откако пропадна прекинот на огнот во Сирија оваа недела, 173 лица биле убиени во контролираните од сириските бунтовници делови на сирискиот град Алепо, соопшти сирискиот Центар за набљудување на човековите права, цитиран од ДПА и медиуми.

Сириските владини сили соопштија дека имаа планови за офанзива против контролирани од бунтовниците делови на градот. Од пред два дена овие зони се подложени на интензивни бомбардирања.

Денес во нив загинаа 25 лица, а вчера над 100 лица. Меѓу жртвите има 26 деца.

Сириската опозиција во егзил, изјави дека режимот на претседателот Башар ал Асад и Русија извршиле злосторство во Алепо, и ја критикуваше меѓународната заедница за тишината нејзини, пренесе Франс прес.

“Сирискиот режим и руските му сојузници вршат ѕверства во Сирија”, рече на прес-конференција во Истанбул заменик-претседателот на Сириската национална коалиција Муафак Нирабия.

“Не можеме повеќе да трпиме тоа молчење на меѓународната заедница”, додаде Џавад Абу Хатаб, висок претставник на Сириската национална коалиција.

Слични содржини