Сиромаштијо и на бога си му гадна! Унгарија ги сака само богатите мигранти

од desk3

 

Унгарска програма дава на богатите мигранти можност да добијат неопределено унгарска виза, под услов да имаат доволно пари. Меѓу учесниците во неа се луѓе од Египет, Алжир, Иран, Јордан. Но нели Орбан не сакаше странци?-анализира DW.

18693490_303
Обично нема ништо повозбудливо во такси превозот од аеродромот до центарот на градот. Во случајот сепак транзицијата од аеродром “Франц Лист” до центарот на Будимпешта создава чувство на негостопримство. Пред референдумот за квотите за бегалци прифатени од ЕУ, кој ќе се одржи в недела, крај автопатот се издигнале десетици билборди, предупредувајќи за опасностите кои произлегуваат од мигрантите.

Оние странци кои пристигнуваат во Унгарија, за да си купат неопределено виза, инвестирајќи во државни обврзници, можеби навистина не забележуваат посамоуверена антимигрантска кампања на премиерот Виктор Орбан – бидејќи тие обично не знаат унгарски, а и договорот изгледа многу привлечно. Унгарската влада им нуди да купат обврзници со посредство на брокери кои работат во офшор компании, за што во рок од два месеци тие добиваат неопределено право на престој во земјата – за целото семејство. Вебсајтот на соодветната програма нагласува дека тоа практично значи “доживотна шенген виза и слободно патување во Европа”.
Кој има 360.000 евра …

Кандидатите плаќаат 360.000 евра за државни обврзници со петгодишен мандат и по овој период добиваат назад 300.000 евра, што ја прави зделката една од најповолните во ЕУ. Досега на тој начин право на постојан престој во земјата добиле семејства од земји како Египет, Алжир, Иран, Јордан и Турција.

Неодамна шемата со обврзниците станува популарна. Унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер, кој освен тоа одговара и за подигнување на безбедносни огради на границите со Србија и Словенија, неодамна објави дека право на постојан престој веќе добиле над 18.000 лица, а благајната примила повеќе од една милијарда евра. Во моментов бизнисот дури ескалира: само во август биле издадени нови 798 обврзници, а повеќето од купувачите се Кинези.

Најголемата ќерка на Орбан – Рахел – исто така се споменува во контекст на програмата за одржана средба со човекот кој го регистрирал предметниот веб – почесниот конзул на Унгарија во Бахреин Бараш Гарамволги. Во соопштението за печатот на интернет-страницата на Бахреин се вели дека Рахел Орбан и нејзиниот сопруг се сретнале со Гарамволги и еден бахреински министер, за да разговараат за прашања од “економска корист и за двете пријателски земји кои произлегуваат од подобрената соработка”. Ќерката на Орбан изјави дека била на одмор во Бахреин со сопругот, а сите други обвиненија биле само лага.

35922743_401

“Добро е да се биде богат, лошо е да си сиромашен”, вели Марта Пардави од унгарскиот Хелсиншки комитет. “Нешто повеќе: излегува дека сиромашните треба да страдаат. Односно, се применуваат очигледни двојни стандарди, особено за време на кампањата за референдумот, која ги отсликува муслиманите како потенцијални терористи и луѓе, неспособни да се интегрираат”, вели таа за Дојче Веле.

Слична дволичност во однос на исламот Орбан демонстрира и за време на минатогодишната бегалска криза. Во април тој рече дека “ние имаме право да избираме со кого сакаме и со кого не сакаме да живееме” и истакна дека унгарскиот устав – кој неговата партија го пренапиша – ја забранува “исламизацијата”, а во јуни пред делегација на арапските банкари оддаде почит на исламската култура и дури на шеријатот. Во својот говор пред нив Орбан рече дека исламот има “големи духовни и интелектуални структури (…) затоа луѓето кои пристигнуваат од исламскиот свет, не претставуваат закана, туку се претставници на една висока цивилизација.”

Унгарски пасоши за Руси

Покрај се друго, во Унгарија се практикува и брзо издавање на унгарски пасоши на државјани од соседните држави. “Индекс”, еден од водечките информативни сајтови во земјата, пишува за “пасошка мафија” од корумпираните службеници и адвокати кои продаваат унгарски пасоши на руски и украински граѓани за 10.000 евра. Еден вработен дури признава дека потпишувал пасоши без одржан задолжителен испит на унгарски јазик и добивал за тоа поткуп од 1.000 евра за секој издаден документ за идентификација.

Како резултат од овие откритија во моментов Унгарците со нови лични документи се подложуваат на дополнителна пасошка контрола, кога доаѓаат од Украина. Адвокатот Балаш Тот раскажа за Дојче Веле дека минатата недела заедно со други двајца Унгарци бил изваден од редот на аеродромот во Киев и затворен во некаква просторија со цел да се провери дали владее унгарски јазик. “Еден офицер ни објасни дека многу Украинци илегално се стекнале со унгарско државјанство. После разбравме дека ги проверуваат само луѓето со новите пасоши со електронски чип и не ги офаќаат оние кои поседуваат стари пасоши”, објаснува Тот.

“Оваа огромна шема со која еден внатрешен круг прави пари, директно ги девалвира нашите пасоши, и ги продаваат на секој кој е подготвен да плати”, вели истражниот новинар Тамаш Бодоки. Еден од агентите кои се занимаваат со државните обврзници, вели сосема јасно на еден свој клиент: “Ако имате доволно пари за да си платите, тогаш Вие сте важна личност.”

Слични содржини