Системот за издавање потврди за неосудуваност не работи

од desk3

Државната изборна комисија го одложи жребувањето за утврдување на кандидатските листи за градоначалници и советници на локалните избори поради нефункционалност на системот во судот, по што кандидатите не можеле да ги подигнат потврдите за неосудуваност. Не се знае точната бројка колку од кандидатите го немаат овој документ, ниту пак дали на некој од кандидатите му недостасува друга документација освен судското решение за неосудуваност.

„Со оглед дека имаме кандидати кои аплицирале за вакви потврди во Основниот суд 1, ждрепката во ДИК за утврдување на редоследот во гласачкото ливче, ќе се одржи веднаш откако системот на Основниот суд ќе биде во функција и ваквите потврди ќе им бидат издадени на кандидатите. Оштинските изборни комисии ги внесуваат потврдените листи на кандидати во системот на ДИК, имаме електронска апликација за тоа, откако ќе бидат внесени сите потврдени листи, ќе излеземе со целосно информација околупроцесот на потврдување на истата.“ – вели Љупка Гугучевска – портпарол на ДИК.

Редоследот на кандидати во листата кој Државната изборна комисија го утврдува со жребка е ист во сите општини, а во општината каде нема да има свој претставник соодветниот број на подносителот ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител.

Општинските изборни комисии најдоцна до 21 септември треба да ги објават листите на кандидати за градоначалници и советници, а утре завршува рокот од пет дена до кога политичките партии можат да достават барање за запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список. Државната изборна комисија го заклучува Избирачкиот список најдоцна до 24 септември, а веќе наредниот ден на полноќ почнува изборната кампања, која ќе трае до 13 октомври. Втор круг за локалните избори е закажан на 29 октомври, две недели по првиот круг.

Државната изборна комисија се уште нема расправано за најавените референдуми за населување на бегалци. Од таму велат дека чекаат референдумите да се објават во општинските гласила, па потоа да расправаат. Над 10 општини до сега изгласаа распишување на референдум за населување на бегалци.

Слични содржини