Работните групи на политичките партии за Договорот од Пржино, до 15 септември нема да разговараат за изборните закони и правила, туку целата енергија ќе ја насочат кон прашањето за специјален јавен обвинител, дознава „Мета“ од извори инволвирани во преговарачките тимови.

11787364_1479468552368251_635089416_n

Партиите се договориле приоритет да му дадат на ова прашање, поради најблискиот рок кој треба да се испочитува од Договорот од Пржино. Поради тоа, договорено е до 15 септември да се состануваат секојдневно и колку што е потребно, па дури и за време на викенд, само за да се испочитува рокот кој партиите го аминувале со својот потпис.

Според информациите што ги добивме, има мало поместување околу преговорите за специјален обвинител и тој, најверојатно, ќе се избира според постојниот закон, но со негова измена и дополнување.

Исто така, голема е можноста тој да се избира од редот на веќе постојните обвинители.

Во врска со изборните закони, дознаваме дека е постигнат мал напредок околу активната регистрација на гласачите, со задолжително пријавување. ВМРО-ДПМНЕ, велат нашите извори, се согласила на активна регистрација на гласачите, но сè уште не се изјаснуваат околу тоа дали таа да биде задолжителна или не. ДПА, пак, останува на својот предлог, пријавувањето на гласачите во избирачкиот список да биде комбинирано. Тоа значи, тврдат нашите извори, во рокот од четири месеци, два месеци да се прави теренски попис на полнолетните граѓани, од врата на врата, а два месеци да биде оставен простор за задолжителна регистрација.

Како што објави „Мета“, најголемите политички партии се договорија околу изборот на членови на ДИК и го прифатија предлогот на СДСМ, според кој, тие ќе се избираат по формулата „три плус три плус три“, односно тројца членови да бидат на предлог на власта, тројца од опозицијата и на нив да им се приклучат тројца експерти кои ќе бидат избрани со двотретинско мнозинство во Собранието.

Политичките партии сè уште се далеку од договор за гласањето на дијаспората.

Прашањето за дијаспората досега не е мрднато од мртва точка и партиите стојат цврсто на своите ставови. ВМРО-ДПМНЕ е за тоа да остане досегашниот принцип на гласање на дијаспората во три изборни единици, а СДСМ се залага дијаспората да гласа, но важноста на гласот на иселениците да биде ист со тој на гласачите што живеат во Македонија.

 

МЕТА

Слични содржини