СЈО: Ќе дојде експертот што го бараме!

од Vladimir Zorba

Се работи на тоа да бидат извршени сите судски наредби во врска со бараните податоци од опремата во УБК и за таа цел наскоро ќе добиеме експертска и техничка асистенција, велат од СЈО за DW.

36103397_303-1

Експертот што го бараме наскоро ќе дојде, само што во моментов не можеме да прецизираме точно кога, велат од Специјалното јавно обвинителство, запрашани што понатаму, откако во официјална реакција компанијата „Ериксон“ соопшти дека не е сопственик на опремата во УБК, ниту оперира со опремата за законско пресретнување на комуникациите.

Од СЈО велат оти тоа не значи дека нема да дојде овластен експерт од компанијата.

„Ние сме во комуникација и експертот ќе дојде, само што во моментов не можеме да прецизираме кога. Интензивно се работи на тоа да бидат извршени сите судски наредби во врска со бараните податоци од опремата во Управата за безбедност и контраразузнавање. Таа експертска и техничка асистенција ние наскоро ќе ја добиеме“, децидни се од СЈО.

Од компанијата „Ериксон“ вчера потврдија дека „на 19-ти октомври 2016 година добиле барање од СЈО по судска наредба од Основниот суд Скопје 1 во Скопје, за техничка асистенција заради истрага и во врска со функционалноста на законското пресретнување на комуникации“. Во соопштението не се открива дали компанијата ќе ја даде бараната техничка асистенција, а сите прашања за истрагата ги упатува кон СЈО.

„За понатамошни информации поврзани со оваа истрага, ‘Ериксон’ ве упатува на Специјалното јавно обвинителство за овој случај. Законското пресретнување на комуникации е задолжителна и стандардна функционалност во мрежите на јавната телефонија и телеком операторите и земјите во светот се обврзани да овозможат таква функционалност за локалните власти. ‘Ериксон’, како производител на телефонски системи и опрема, исто така, е производител на системи за законско пресретнување. ‘Ериксон’ не е сопственик на опремата, ниту оперира со опремата за законско пресретнување на комуникациите“, се вели во соопштението од компанијата.

Полицајци го пријавиле истражителот?

Од друга страна, владее разногласие за околностите околу неодамнешното приведување на истражител на СЈО во полициска станица. Јанева во петокот изјави дека тој е неосновано задржан и дека на обвинителите на СЈО од полицијата ништо не им било дадено писмено на увид за таа постапка. Таа соопшти дека истражителот по нејзина наредба бил испратен да лоцира адреса на која живее одредено лице.
Медиумите објавија дека станува збор за домот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и дека присуството на истражителот во близина на тој објект било забележано и пријавено во полиција од приватно обезбедување. Но, извори од Основното јавно обвинителство велат дека истражителот не бил пријавен од приватни обезбедувачи на објектот, туку од припадници на полицијата, кои во регуларна постапка биле задолжени да го обезбедуваат посочениот објект. Од таму додаваат и дека пријавата не се однесувала за едно лице, туку за две: еден истражител на СЈО, а другиот приватен детектив кој бил во друштво на истражителот, но не се знае дали таму бил приватно, или ангажиран од некого. Од Обвинителство велат дека за тоа постапување морало да постои судска наредба.
„Не е потребна судска наредба во овој случај“, децидни се СЈО.
„Судска наредба е потребна ако треба да се влезе во нечиј имот, ако треба да се врши претрес, а не ако од јавен простор, улица, се лоцира нечија адреса на живеење“, велат од Специјалното јавно обвинителство.

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини