Фицо појасни дека Словачка е подготвена да даде финансиска помош и персонал за заштита на границите на  Македонија и Бугарија

бегалци силуети

Германија се пожали пред Министерството за надворешни работи на Словачка поради организирањето на вонредниот состанок на Вишеградската четворка заедно со Бугарија и Македонија. Ова го изјави денеска словачкиот премиер Роберт Фицо при посетата на Банска Бистрица.

Главна тема на средбата В4, која ќе се одржи во понеделник ќе биде зголемувањето на контролата на границите на Македонија ,Бугарија и Грција. Според Фицо земјите од В4 / Словачка, Чешка, Унгарија и Полска / треба да понудат алтернативен план за заштита на надворешните Шенген граници, ако Грција не успее да се справи со се тоа. Германскиот неделник “Шпигел”, смета дека планот на В4 за заштита на шенгенските граници и затворањето на Балканските рути за бегалци во  пракса е против планот на канцеларката Ангела Меркел, кој предвидува решавање на миграциската  криза со помош на Турција.

“Германија смета дека треба да се бара друг начин и поради тоа испрати протестна нота. Ако Грција не сака да се бранат  шенгенските граници ние сме должни да понудиме други варијанти”, рече Фицо за време на форумот на неговата партија. Според него нотата значела: Што си вообразуваат од В4, заедно со Македонија и Бугарија – да зборуваат за заштита на надворешните граници “.

Владата во Прага соопшти дека нема информации за протест од страна на Германија поради средбата на В4. Средбата во понеделникот има две многу јасни теми – 25-годишнината од формирањето на В4 и миграција криза во Европа. Нема никакви обиди за игнор на која и да е држава од ЕУ или Германија, изјави портпаролот на Чешката влада Мартин Ајрер. “Ако недостасува паневропското стратегија, тогаш сосема легитимно е земјите од Балканскиот пат да ги заштитат сопствените граници. Ние ќе им помогнеме во таа насока”, изјави министерот за надворешни работи на Словачка Мирослав Лајчак. За можноста од создавање на “резервна граница” за заштита на шенгенските граници против миграцискиот бран во ЕУ во т.н.. Балкански пат говори и премиерот на Чешка Бохуслав Соботка и разговараше за ова прашање со Фицо, кој ја  одобри ова негова намера. Роберт Фицо денеска потврди дека Грција не успева да ги  заштити надворешните Шенген граници. “Ние сакаме да постигнеме договор меѓу земјите од В4 – ако Грција не функционира, а тоа се случува, тогаш е подобро да инвестираме во средства за заштита на границата, која ги дели Грција со Македонија и Бугарија и другите земји од оваа линија”, рече Фицо и појасни дека неговата земја е подготвена да даде финансиска помош, како и персонал.

На состанокот во понеделникот Република Македонија ќе биде претставена од претседателот Ѓорге Иванов.

Слични содржини