Со кого се скара Турција во последниов месец

од desk2

Последниве недели, дипломатските несогласувања им создаваат доста работа на турското Министерство за надворешни работи, забележува ДПА. Агенцијата забелува седум случаи:

1. Германија
Германскиот вршител на должноста амбасадор беше повикан во турското Министерство за надворешни работи оваа недела, откако шефот на германското разузнавање ги стави под сомнение тврдењата на Анкара дека обидот за државен удар во јули минатата година бил организиран од исламскиот проповедник Фетхуллах Ѓулен, кој живее во САД. Двете страни, исто така имаат несогласувања за предизборната агитација на турски министри во Германија, кои по повод референдумот за уставни промени во Турција закажан за 16 април се растрчаа во странство.

2. Холандија

Холандскиот вршител на должноста амбасадор беше повикан три пати, откако холандските власти не им дозволија на двајца турски министри да учествуваат на политички собири во Ротердам. На холандскиот амбасадор, кој не беше во Анкара, му беше кажано да не се враќа во Турција.
3. Русија

Рускиот вршител на должноста амбасадор беше повикан поради воената соработка меѓу руските воени сили и сириските курдски сили во Африн – курдски енклава во северозападна Сирија. Растат тензиите поради наметнатите од Турција царини за увозот на руско жито.

4. Норвешка

Амбасадорот во Турција беше повикан откако Осло им обезбеди азил на четворица турски воени лица кои работат во центарот за обука на НАТО.

5. Иран

На крајот на февруари, Иранците го повикаа турскиот амбасадор во Техеран, поради изјавите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Иран го дестабилизира регионот, како и поради коментарите на турскиот министер за надворешни работи, дека Иран сака од Ирак да направи шиитска држава.

6. Грција

Постои тензија и со Грција поради наводните учесници во обидот за преврат кои побараа азил во земјата. Ова доаѓа во прилог на нерешеното прашање за Кипар, кој е поделен од 1974 година, кога грчкиот државен удар беше проследен со турска инвазија на островот. Во јануари месец, воени бродови на двете земји се сретнаа едни против други во Егејското Море , а имаше и војна на зборови поради патување на грчкиот претседател до острови во близина на Турција.

7. Данска

Данска изјави дека турски претставници, ја отфрлаат секаква форма на репресија против дански критичари на турската влада. Позицијата на Данска беше предадена на турскиот вршител на должноста амбасадор, откако весникот “Берлингске” цитираше неколку Данци од турско потекло кои велат дека биле наречени “предавници” поради критиките кон активностите на турската влада спрема опозицијата.

Турција продолжува да има сериозни несогласувања со САД по прашањето за Ѓулен и за улогата на сириските Курди во борбата против “Исламска држава”. Анкара нема амбасадор во Египет и е противник на владата во Сирија, наведува уште ДПА.

Слични содржини