Република Македонија и Европската унија, попладнево на маргините на Советот на ЕУ во Брисел ќе го имаат 12-тиот Совет за стабилизација и асоцијација (САА), на чие чело денеска ќе биде словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, чија земја на почетокот на 2016 година ќе го превземе претседателството со Советот на Унијата.

eu

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Македонија и политичкиот договор што стави крај на политичката криза во земјата, денеска исто така ќе биде точка Советот на ЕУ, при што еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, ќе поднесе извештај до Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и шефовите на дипломатиите на ЕУ-земјите за договорот што тој го посредуваше минатата недела во Скопје и истиот донесе политичко помирување во земјата.

Инаку, на 12-тиот Совет за стабилизација и асоцијација Република Македонија што ќе се одржи на маргините на Советот за надворешни работи на Унијата, министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, ќе ја претставува земјата што ќе го држи ротирачкото претседателство на Советот во 2016 година и ќе претседава на состанокот во име на Могерини. Македонската држава, пак, на овој Совет ќе ја предводат заменик-претседателот на Владата задолжен за европски интеграции Фатмир Бесими, министерот за надворешни работи Никола Попоски и државнито секретар во Секретаријатот за европски прашања, Ана Блажевска.

Според најавата на Европскиот совет, Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и Европската унија стапи во сила во 2004 година и е во сржта на односите меѓу официјален Брисел и Република Македонија, до пристапувањето на земјата кон ЕУ. Како што е познато, Македонија доби статус на кандидат за членство во ЕУ ​​во декември 2005 година, а Спогодбата за стабилизација и асоцијација обезбедува договорна рамка во која ЕУ и земјата соработуваат и преземаат акции за развојот на настаните во нивниот однос.

Советот меѓу ЕУ и Македонија започнува во 18:00 часот и истиот ќе се одржи во зградата “Јустус Липсиус” на Европскиот совет во Брисел. Пред почетокот на истиот, планирани се издвоени средби на Бесими и Попоски со Могерини и со Хан, а по завршувањето на Советот за стабилизација и асоцијација, што според најавите на Советот на Унијата се очекува околу 20:30 часот, најавена е и прес-конференција на министрите Лајчак, Бесими и Попоски, заедно со еврокомесарот Јоханес Хан.

Слични содржини