Совети за родители: Какви фотографии од детето не треба да објавувате на интернет?

од desk2

Во одреден момент можеби ви се чини дека некоја фотографија од вашето дете е толку симпатична и убава што е штета да не ја споделите со вашите пријатели на социјалните мрежи.

Меѓутоа, пред да кликнете „објави“, помислете на приватноста на вашето дете и како таа фотографија може да се рашири на интернетот и како би влијаела понатаму во животот на детето.

Сите случаи што ќе ги наведеме тука имаат врска со заштитата на приватноста на детето како индивидуа, а вие како родител треба први да се грижите за тоа.

Фотографии на кои детето е голо

Дали се фотки од бањање во када, на плажа или слично, слики на кои детето е голо, колку и да ви изгледаат вам наивно и невино, не се соодветни за објавување јавно. Можеби си мислите дека со тоа што вашите објави може да ги видат само пријателите на Фејсбук, сте заштитени, но не е така. Денес секој може да пристапи до вашиот профил на овој или оној начин и да ги злоупотреби тие фотографии. Исто така, помислете дека детето еден ден ќе биде возрасна личност и дека можеби нема баш да му годи што други луѓе го гледале голо.

Фотографии што во иднина би можеле да го засрамат детето

Сега ви изгледа симпатично што сте го фотнале детето во некоја смешна поза или облечено на смешен начин, но како и сите други фотографии споделени на интернет, таа фотографија ќе остане заекогаш, а еден ден можеби ќе биде причина детето да биде исмевано. Затоа, тие фотографии чувајте ги за домашна употреба.

Фотографии на кои има и други деца

Ова се однесува на заштита на приватноста на другите деца, покрај вашето. Ако сакате да објавите фотографија на која вашето дете си игра со други деца, побарајте дозвола од нивните родители бидејќи тие можеби имаат правило воопшто да не објавуваат фотки од своите деца на интернет.

Слични содржини