Советот за безбедност на ОН се закани со нови санкции кон Пјонгјанг

од Vladimir Zorba

Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа ја усвои резолуцијата со која остро се осудуваат последните тестирања на ракети од страна на Северена Кореја и се закани со нови санкции кон Пјонгјанг, јавуваат светските агенции.

Со резолуцијата, која е усвоена едногласно, се осудува однесувањето и „илегалните активности“ на властите во Пјонгјанг, кои се повикуваат повеќе да не изведуваат нуклеарни проби и тестирањата на ракети, забранети со претходните резолуции на Советот за безбедност на ОН.

„Илегалните активности на Северна Кореја со нуклеарни и со балистички ракети во голема мера доведуваат до зголемување на тензиите во регионот и пошироко“, било наведено во резолуцијата.

Резолуцијата е усвоена по договор со Русија, која денеска демантираше дека го блокирала текстот, туку дека сакала во него да се вметне формулацијата „низ дијалог“, која претходно била исфрлена од документот на барање на САД.

Резолуцијата ја поддржала и Кина, која е сојузник на Северна Кореја.

Инаку, Пјонгјанг е под санкции на ОН од 2006 година.

Слични содржини