Спасовски: Владата ќе иницира меѓународна истрага за настаните во Куманово

од desk2

Случајот од настаните во Куманово веќе добива судска разврска, а Владата ќе преземе обврска да спроведе дополнителна меѓународна истрага, со што јавноста ќе ја дознае вистината, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во касарната во „Ѓорче Петров“ на доделувањето словачка донација.

На прашањето дали има сознанија дека припадниците на МВР, кои учествувале во настаните во Куманово во мај 2015 година биле специјално наградувани и дали биле наградувани и вработени во МВР кои не учествувале директно Спасовски истакна дека е запознат со тоа кој учествувал и бил наградуван или не учествувал, но напомена дека станува збор за класифицирана информација.

Во врска со неодамнешната анкета на Поинтпулс за намалениот рејтинг на полицијата, Спасовски истакна дека многу настани во изминатите 11 години придонеле за уривање на довербата и покажуваат дека оваа институција била злоупотребувана

. – Поради тоа се спроведуваат сериозни реформи, кои генерално се содржани во стратегијата со цел оваа институција да се приближи до граѓаните, да стане сервис на граѓаните и да се врати довербата во неа. Тоа не е лесен процес, ниту ќе биде, но и јас и Министерството сме решени да го спроведеме, нагласи Спасовски.

Во врска со разрешувањето на Тони Јакимовски, второобвинет во случајот „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство од функцијата генерален директор на СЕЛЕК – регионалната мрежа за борба против криминалот со седиште во Букурешт, Спасовски рече дека МВР покренало иницијатива во оваа мрежа и таа била прифатена.

– Ние покренавме иницијатива за разрешување на директорот без разлика на тоа што доаѓа од Македонија и таа вчера беше прифатена со 11 гласа „за“ и ниту еден воздржан и против. Сметаме дека организација, која се занимава со борба против организираниот криминал не може на чело да има човек кој е вмешан во организиран криминал. Ние на тој начин праќаме порака дека ќе има правда и тоа не селективна правда, туку правда за сите, рече Спасовски.

Тој додаде дека за сите натамошни постапки ќе се разговара во рамки на СЕЛЕК. Во однос на забелешките на Рајнхар Прибе за работата на полицијата, Спасовски истакна дека извештајот на Прибе е реален и оти во тек се реформи. Спроведен е проект за анализа на состојбите не безбедносните служби во системот за следење на комуникациите, определен е моделот, дискутирано е во Собранието, формирана е меѓуресорска работна група.

– Процесот на реформи е почнат и трае. До крајот на годината мораме да имаме нови законски решенија. во врска со организираниот криминал и корупцијата, рече Спасовски и додаде дека во моментов еден од приоритетите е формирање на национален координативен центар за борба против организираниот криминал и корупцијата, кој треба да профунционира до крајот на месецот./МИА

Слични содржини