Одлучен сум да ја почнам демонтажата на узурпираниот систем во МВР и ме охрабрува тоа што има многу професионалци, кои едвај чекале да бидат ослободени за да работат по закон, вели министерот Спасовски за ДВ.

Прилично динамично започна мандатот на новиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, предложен од СДСМ во преодната Влада. Негова прва одлука беше „престанок на сите овластувања дадени од претходните министри во МВР“. Два дена потоа, терористичките напади во Франција неговата министерска фотелја посредно ја направија уште „пожешка“, ставајќи го пред нов предизвик. Спасовски до доцна ноќеска присуствуваше на седницата на Советот за безбедност, свикана од претседателот Ѓорге Иванов, токму поради безбедносната состојба по терористичките напади во Париз, но и заради предизвиците што ги носи мигрантската криза.

ДВ: Дали овластувањата што ги одземавте, може да се покажат како хедикеп во случај на евентуална опасност од вакви закани за Македонија?

Спасовски: Секако дека не, напротив. Како што веќе извести МВР, одржав колегиум со највисокото раководство на Министерството и од моја страна веќе се дадени конкретни, оперативни задолженија во насока на заштита на безбедноста на граѓаните на Република Македонија. На состанокот е констатирано дека во овој момент не постои конкретна закана по безбедноста на граѓаните во земјава. Сепак, токму во насока на вниманието за коешто говорам, дадов насоки за зајакнување на мерките и активностите при обезбедување јавни собири, контрола над мигрантите, обезбедување личности и витални објекти што ги обезбедува МВР, во функција на поголема ефикасност и мобилност на полицијата и другите надлежни служби. Моите чекори околу надлежностите што ги споменувате, се токму во насока на високо професионално работење на МВР и на полицијата и обезбедување нивна работа исклучиво според законските овластувања, а не според партиски или лични интереси. МВР веќе нема да биде МВРО и тоа е прв чекор кон поголема сигурност на граѓаните.

ДВ: Може ли точно да објасните, чии овластувања во моментов се спуспендирани, а чии не?

Секој кој е чесен и одговорен кон работата во МВР, кој ја сфаќа одговорноста што му е доверена со тоа што е дел од министерството, ја има шансата да работи во интерес на граѓаните на Република Македонија. Безбедноста и сигурноста на граѓаните на Македонија, нивната слобода и еднаквост пред законот се законска должност на секој вработен во МВР и претставник на полицијата. Никој во МВР нема право да работи за лични и партиски интереси. Ако тоа се нарекува суспендирање на овластувања, тогаш да, таквите МВРО-вски активности се строго забранети и казниви по закон.

ДВ: Ако по утрото денот се познава, каков мандат најавува Вашата прва одлука?

Враќање на нарушениот систем на работа на Министерството во нормала. Тоа го најавува оваа моја прва одлука. Воспоставување високо професионален, слободен систем на работа на Министерството за внатрешни работи, исклучиво според законските надлежности и според Уставот. Крај на времето, „ало Горде, ало Сашо“ за политички пресметки со неистомисленици или гнасни лични пресметки преку полицијата, какви што слушнавме во проектот „Вистината за Македонија“.

ДВ: Според ова, дали Вашата одлука за престанок на овластувањата дадени од претходните министри, е почеток на темелна демонтажа на партиски узурпираниот систем во МВР?

Да. Одлучен сум да го почнам процесот на демонтажа на узурпираниот систем во МВР. Свесен сум дека тоа не се прави преку ноќ, но ме охрабрува тоа што гледам дека во полицијата има луѓе и тоа многу луѓе професионалци, кои едвај чекале да бидат ослободени за да си ја работат работата по Устав и закон. Вистинската демонтажа на узурпираниот државен систем доаѓа на 24 април, кога ќе обезбедиме општество на еднакви граѓани и институции, што работат според европски вредности. Првичната релаксираност на граѓаните се чувствува, тоа е мотив повеќе за мене, заедно со моите чесни колеги во полицијата, да бидеме моторот што повлекува чекори кон долго посакуваната слобода во Македонија.

ДВ: Но, структурите кои го губат влијаниетото и контролата врз МВР, можеби ќе се обидат да инсценираат инциденти, со цел да Ве претстават како некомпетентен, па дури и штетен за безбедноста на земјата. Како ќе превенирате такви искри, кои во нашиве околности може да пламнат во поголем „пожар“?

И самите знаете од искуството што го имаме последниве години дека има злоупотреби на поединци, на групи, па и на институции во тесно партиски и лични цели. Можно е некој да сака да се обиде да го спречи процесот на декриминализација на институциите на системот. Јас сум подготвен да работам строго професионално. Да видиме кој е тој што ќе се дрзне да се испречи пред сложно МВР, кое ја има поддршката на граѓаните. Тој ќе настрада од пожарот што самиот се обидел да го запали.

Целосното интервју на  DW тука 

Слични содржини