Специјалниот: Верувам во себе, мојата последна титула не е од пред 20 години

од Vladimir Zorba

Манчестер Јунајтед има потреба од постојаност, за да биде повторно шампион на Англија, изјави менаџерот Жозе Мурињо по поразот со 0:1 против Вест Бромвич. Токму со тој пораз „црвените ѓаволи“ ги загубија и математички шансите да се израмнат со Манчестер Сити, кој, пак, ќе може да слави со титулата пред следниот натпревар во Премиер лигата.

„Верувам во тоа што го правам и немам причина да мислам на друг начин. Осум титули се осум титули и три во Премиер лигата се три во Премиер лигата. Последната не е од пред 20 години, туку пред три, па така знам како да победувам. Верувам во себе“, рече тренерот на Јунајтед.

„За да победуваш, треба да имаш квалитет во составот, инаку си осуден. Потребна е и постојаност на секое едно ниво, а не само во претставувањето на теренот. Треба да мислиш како шампион и треба да го правиш тоа до последниот ден, а тоа е една од работите за кои треба да работиме, треба да бидеме постојани во она што го правиме“, додаде тој.

„Сигурно затоа сум освоил осум титули, но не се радував до небо при победата против Сити. Таа не ме направи среќен. Сигурно, сепак тоа не е важно за некои од фудбалерите кои се задоволија само со овој успех. Ние сме цареви на тоа сами да си го правиме животот тежок. Против Вест Бромвич не мислевме брзо и не игравме брзо. Фудбалерите или не можеа или не сакаа да играат. Беа премногу бавни и секој сакаше уште еден допир, уште едно вртење, уште една финта. Им дадовме време да се организираат додека сме со топката“, продолжи Мурињо.

Португалецот додаде дека Сити бил достоен шампион и им честитал на градските ривали по дербито.

„Не знам дали сум бил прв, втор или трет, но јас веќе ги поздравив лице во лице, кога имав шанса да го направам тоа. Така или инаку ќе станеа шампиони, без разлика дали ние ќе победиме, или изгубиме. Тие се шампиони, бидејќи тие се најдобриот тим. Најдобриот тим е затоа што загубија само два натпревари“, заклучи тој.

Слични содржини