Во услови на блокада на Универзитетот „Кирил и Методиј“ и масовни протести против измените во Законот за високо образование, речиси невозможно е да добиете интервју од претседателот на Студентскиот парламент, Кирил Спироски. Претседателот на СПУКМ вели дека има напорна агенда, но сепак иако одби телевизиско интервју за НОВА, успеа да издвои време да одговoри на нашите прашање преку електронска пошта.

Студентскиот парламент на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј”- СПУКМ се дефинира како здружение на граѓани од автономен, невладин и непартиски карактер формирано за слободно здружување на студентите независно од нивната национална, верска и полова припадност и нивните политички убедувања.

Работата на Студентскиот парламент е јавна. Јавноста во работењето треба да се обезбеди со редовно известување на членовите на Студентскиот парламент на Универзитетот за сите облици на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување на извештај за работата на органите и телата на Студентскиот парламент на универзитетот, и за материјалното финансиско работење. Или барем така стои во нивниот правилник за работа кој е објавен јавно.

Ако ја отворите интернет страницата на Студентскиот парламент, ќе видите дека меѓу последните објави е дека СПУКМ е дел до борбата против сидата , вест објавена во декември минатата година.

Страницата на која треба да стои извештајот за работата на СПУКМ е празна .

Ако појдете пак во седиштето на Парламентот, исто така ќе наидете на празни простории.

Во период на вртоглави измени во Законот за високо образование, кое на нозе ја дигна академската заедница во Македонија и за кој за првпат во историјата на Македонија се случи студентска автономна зона, речиси невозможно е да договорите телевизиско интервју со претседателот на Студентскиот парламент Кирил Спироски, но експресно одговара на нашите пораки само преку е-маил.

Претседателот на СПУКМ вели дека се чувствува одлично. Деновиве има напорна агенда, но тврди дека неговата работа ја врши одговорно и конзистентно. Го прашавме кој е ставот на Студентскиот парламент по однос на измените во Законот: дали Парламентот го поддржува мораториумот на измените и дали е за изготвување на целосно нов текст во кој ќе бидат вклучени и студентите.

-На седница на парламентот одлучивме дека сме против измените на законот за Високо
образование и тој став беше потврден во органите на Универзитетот (Сенатот, Ректорската управа) каде мојот потпис стои рамноправно со оној на ректорот, проректорите, деканите и директорите кога се бараше повлекување на законот од собраниска процедура. За ставот за учество на студентите во изготвување на законот нема дилеми. Јас уште на самиот почеток кажав дека целиот процес не може да се одвива без присуство на студентите, вели Спироски.

Наспроти Студентскиот парламент, силен замав периодов зема неформалната студентска организација Студентски пленум која шести ден ја спроведува Автономната зона на факултетите при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Секој на својот факултет со неформална настава, во вреќи за спиење и донирана храна, велат дека остануваат на ставот дека бараат цврста гаранција за тоа дека Владата е сериозна и дека навистина ќе се имплементира нов Закон за високо образование во кој ќе бидат вклучени и студентите и професорите.

Од Студентскиот пленум неколку пати потенцираа дека состаноците на кои присуствува и Студентскиот парламент се нелегитимни, бидејќи мандатот на претседателот Спироски е истечен уште во октомври минатата година.

Спироски ги негира ваквите прозивки и вели дека никако не може да се смета дека мандатот на актуелниот претседател е истечен.

-Сакам да ве известам дека согласно Статутот на Студентскиот парламент на УКИМ, согласно Статутите на Студентските парламенти на факултетите, врз основа на правилникот за спроведување на избори, поради оддржаните избори на некој од студентските парламенти на факултетите, статутарно немаме можност да организираме избори за претседател на СПУКМ пред 15 Септември 2015 година, односно пред почетокот на новата учебна година.

Затоа ве известувам дека согласно одлуката на Студентскиот парламент на УКИМ изборите за претседател на СПУКМ ќе се распишат помеѓу 1-15 Септември. Согласно статутот на СПУКМ избори за претседател на СПУКМ се оддржуваат секој нареден октомври по истекот на мандатот на претседателот а бидејќи официјално мандатот на мене како актуелен претседател ми се започнат во месец Ноември 2012 ( согласно датумот за примопредавање на функцијата од претходниот претседател) тоа значи дека изборите ќе се оддржат во месец Септември или Октомври 2015 година и никако не може да се смета дека мандатот на актуелниот претседател е истечен.

Согласно одлуката од највисокото тело Студенткиот Парламент со едногласна одлука го има утврдено терминот на оддржување на изборите.

Согласно плановите и предвидените активности на парламентот ве известувам дека
– во периодот од мај- јуни 2015 година треба да се формира изборна комисија и комисии на факултетите кои ќе ги спроведат изборите ;
– во периодот од 1-15 септември треба да се распишат изборите за претседател на СПУКМ
– во периодот од 1-15 октомври треба да се оддржат изборите за претседател на СПУКМ, вели за НОВА претседателот на СПУКМ.

Бидејќи во целите на Студентскиот Парламент стои дека ова тело се залага за разгледување, оценување и заземање став во однос на актуелни прашања кои се од интерес на студентите, на самиот почеток на студентските протети уште пред 4 месеци, го прашавме претседателот на парламентот дали присуствувал на еден од најмасовните протести на студентите во Македонија.

Ни кажа дека можеби бил на протести, а можеби не и дека наша работа било да ги прегледаме сите снимки за да го провериме неговото присуство./TВ Нова

Слични содржини