Србија побара темелна истрага за лицата што фрлаа камења и шишиња со вода врз премиерот Александар Вучиќ во Сребреница, акт кој српскиот министер за надворешни работи го нарече „обид за убиство“-информира БИРН Белград.

вуциц

Министерството за надворешни работи на Србија, испрати допис до босанското министерство, со кој бара од босанските власти, да ги пронајдат и казнат лицата што на 11 јули фрлаа предмети врз премиерот Вучиќ во Сребреница.

„Бараме целосна истрага. И не само истрага без резултати, туку апсења, не само на непосредните сторители, туку и на организаторите [на нападот]“, изјави на 13 јули, министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

„Ова беше обид за убиство и линч на премиер на една држава“.

Досега, само едно лице е уапсено за нападот, пишуваат медиумите.

Инцидентот фрли сенка на одбележувањето на 20-годишнината од геноцидот во Сребреница, со која им беше оддадена почит на над 7.000 убиени бошњачки мажи и момчиња во „безбедносната зона“ на ООН.

Тие беа убиени од силите на босанските Срби, под водство на Ратко Младиќ, кои претходно, во јули 1995 година, ја зазедоа изолираната бошњачка енклава во источна Босна.

И покрај одбивањето, масакрот да го нарече акт на геноцид, српскиот премиер реши да дојде во Сребреница.

Во пресрет на комеморацијата, дојде до зголемување на политичките тензии, откако сојузникот на Србија, Русија, стави вето на предлог резолуцијата на Велика Британија, упатена до Советот за безбедност, за осуда на масакрот, нарекувајќи го геноцид.

Полицијата соопшти дека неколку летечки предмети го погодиле Вучиќ во лице и дека му биле скршени очилата.

Претходно, на настанот во саботата, Вучиќ беше пречекан од претставници на здружението „Мајки на Сребреница“, кое го осуди нападот.

Вучиќ ги обвини екстремистите дека планирале напад врз него и покрај фактот дека тој понудил „рака на помирување“.

„Жал ми е што некои не препознаа дека сакаме да градиме пријателство меѓу Србите и Бошњаците“, изјави тој на прес-конференција по враќањето во Белград.

Инцидентот предизвика и меѓусебни обвинувања околу тоа кој е виновен за нападот врз Вучиќ за време на настанот.

Мирсад Вилиќ, директор на Дирекцијата за координација на полициските тела во Босна и Херцеговина, изјави дека обезбедувањето на Вучиќ е виновно, бидејќи требале да предвидат дека е можно да се случи таков инцидент.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, изјави дека Вилиќ е неодговорен.

„Неприфатливо е Вилиќ да не покаже ниту трошка одговорност, особено имајќи предвид дека благодарејќи и само на присебноста на обезбедувањето на премиерот, беше спречено убиство“, рече Стефановиќ.

Советот на министри на Босна и Херцеговина, одржа вонредна седница во понеделникот, по која го осуди нападот и побара итна истрага.

„Овој напад не смееше да се случи, особено не…во места какви што се Сребреница и Поточари“, изјави босанскиот премиер, Денис Звиздиќ.

„Нападот не смееше да се случи, бидејќи сите безбедносни агенции во Босна и Херцеговина, му ја гарантираа безбедноста на Вучиќ“, додаде тој.

Звиздиќ изјави дека инцидентот ги нагласил сите познати слабости во системот на безбедност во Босна и Херцеговина, особено во однос на координацијата.

Како потврда на тоа, министерот за безбедност, Драган Мектиќ, изјави дека Државната агенција за истраги и заштита, СИПА, која има најдобро опремени специјални полициски единици, одбила да учествува во обезбедувањето на Поточари на 11 јули, иако Дирекцијата за координација на полициските тела го побарала тоа од неа.

Мектиќ, исто така, побара итна истрага. „Првичните информации говорат дека имало некои проблеми со организацијата и безбедноста“, рече тој.

Во Белград, српскиот дневен весник Блиц, пишува дека се верува оти главен организатор на нападот на Вучиќ е висок член на главната бошњачка партија, Партијата за демократска акција, СДА, и близок соработник на Бакир Изетбеговиќ, бошњачки член на тројното претседателство на Босна и Херцеговина.

Блиц додава дека групата што му помогнала на „Асим С“ да го изврши инцидентот, е блиска до Насер Ориќ, поранешен бошњачки воен командант на Сребреница, кој беше екстрадиран во Сараево од Швајцарија, по претходна меѓународна потерница за воени злосторства распишана од Србија .

Голем број претставници на ЕУ го осудија нападот врз српскиот премиер, вклучувајќи ја и Федерика Могерини, шеф за надворешна политика на ЕУ, која, во име на ЕУ, ги повика босанските власти да „преземат целосна истрага“ за нападот.

Извор: БИРН Белград.

Слични содржини