Македонските превозници на хрватско-српската и на унгарско-српската граница се блокирани откако официјален Белград одлучи да ги блокира сите што превезуваат стока за или од Хрватска или некако се поврзани со соседната држава, со која има затегнати односи поради бегалската криза.

transporteri

Ваквите мерки на Белград доаѓаат како реакција на одлуката на Загреб да ја затвори границата за товарни возила поради големиот наплив на бегалци кои од Србија се упатија кон Хрватска.

Од „Макам-транс“ велат дека нервозата кај заглавените македонски превозници се зголемува и оти веќе контактирале со амбасадите и со превозните здруженија во Србија и во Хрватска, барајќи итно решавање на проблемите на македонските превозници.

Неофицијално се дознава дека македонските превозници кои се блокирани најавиле дека во знак на револт ќе ја истурат расипаната стока на границата.

Српските медиуми денеска јавуваат дека покрај товарните возила, границата на Хрватска не можат да ја минат ниту патничките возила со српски регистарски таблици ниту, пак, лицата со српски пасош.

За затегнатите односите меѓу Загреб и Белград се расправало синоќа на вонредниот самит на лидерите на ЕУ во Брисел.

Еврокомесарот Јоханес Хан утринава изјави дека затворањето на границите не е решение и оти станува збор за реципроцитетни мерки.

Словенечкиот премиер Миро Церар соопшти дека тензијата меѓу Хрватска и Србија поради бегалската криза, би можела да се прошири на поширокиот регион и оти е неопходно нејзино брзо решавање.

МЕТА

Слични содржини