Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања оствари средба со Комесарот за Европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан.

Тие разговарале за напорите на Владата на Република Македонија во насока на спроведување на реформите кои се неопходни за успешна реализација на евроинтегративниот процес на нашата земја, како и за статусот на спроведувањето на ИПА, соопштуваат од Кабинетот на Бесими.

Тој и Хан на состанокот разговарале и за спроведувањето на приоритетните активности, произлезени од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, за слободата на изразување и медиуми, судството, борбата против корупција и организираниот криминал, меѓуетничките односи, реформите во јавната администрација, добрососедски односи, регионална соработка и зголемување на економскиот раст и вработување.

Потпретседателот на Владата се осврнал и на потребата од продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво, со цел одржување на динамиката во реформскиот процес и постигнување на инклузивност преку политички дијалог и вклучување на општествените чинители.

Меѓу другото, на состанокот дискутиран бил и статусот на спроведување на ИПА, Акцискиот план за подобрување на искористеноста врз основа на научените лекции, програмирањето на ИПА 2015-2016, како и за можноста за помош од страна на Европската Унија и нејзините земји членки со цел санирање на настанатите штети во поплавените подрачја.

Дополнително, двајцата соговорници разговарале дека во интерес и на Европската комисија и на Република Македонија било поскоро да се отворат пристапните преговори и членство на земјата во Унијата.

Слични содржини