Средба на Павлопулос со шефот на германската дипломатија

од Vladimir Zorba

Грција и се приклучува на Германија и на сите партнери во Европската унија за изградба на просперитетна Европа која ги почитува основните принципи и вредности на кои се заснова демократијата, правната држава и социјална правда, изјави грчкиот претседател Прокопис Павлопулос на денешната средба во Атина со германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел.

Павлопулос нагласи дека сите Европејци треба да изразат сочувство до народот и властите на Велика Британија, и да се истакне дека Европа ќе биде непопустлива кон феноменот на тероризам против човештвото.

– Тероризмот нема да помине. Ќе ги браниме луѓето и демократија од секој предизвик, рече тој.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, грчкиот претседател на средбата со Габриел се осврна и на „критичната ситуација во нашиот регион, Медитеранот и особено во Егејот, истакнувајќи дека Грција ќе ги спроведе заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и ќе ги преземе сите неопходни одлуки за одбрана на границите, и на европските граници“.

Германскиот министер за надворешни работи изрази сочувство до Велика Британија за вчерашниот терористички напад и истакна дека Европејците треба да стојат еден до друг, додавајќи дека едни од најважните прашања се оние што се поврзани со безбедноста на границите, тероризмот и криминалот./a1on

Слични содржини