Средношколците в среда (18 март) ќе маршираат против новиот концепт на државната матура со кој како задолжителен предмет се воведува Математика, против лошите реформи во средното образование, како и против екстерното тестирање.

Средношколскиот пленум, кој ги повика на марш и родителите, студентите, граѓанските организации и граѓаните подвлекува дека маршот е наднационален, надетнички, надрелигиски, непартиски.

– Апелираме да биде мирен, без говор на омраза, насилство и истакнување на национални и партиски симболи. Да кажеме „НЕ“ на лошите реформи во образованието, кои од нас направија експериментални глувци. Имаме став, немаме страв! – велат од Пленумот.

Маршот, како што е најавено, ќе почне од плоштадот во Тетово во 12:30 часот и ќе заврши во Работничкиот Универзитет, каде што се наоѓаат канцелариите на Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образование (БРО) и Просветниот инспекторат.

Пленумот им одговори на сите обиди средношколците да се спречат да протестираат, со потсетување на член 155, став 1 од Кривичниот законик, според кој „ тој што со сила, сериозна закана, измама или на друг начин, ќе спречи или ќе смеќава, свикување или одржување мирен и јавен собир, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.

Слични содржини