Претседателот на партијата „Достоинство“ – генерал Стојанче Ангелов вечерва и официјално најави ненасилен граѓански упад во македонската радиотелевизија за утре во 12 часот, со намера да ја притиснат МРТВ да почне да ги емитува политичките бомби и да се заложи за објективно информирање на граѓаните.

Untitled04

-Спремен сум да одам до крај, не верувам дека ќе посегнат по животи. Ние утре нема да се судриме со полицијата, едноставно ќе си влеземе дома, во нашата телевизија. Ве повикувам утре да се избориме за слобода, за демократија, Македонија да биде посреќна земја, порача Ангелов во својот говор пред МРТВ и пред Обвинителството каде одржува ненасилни собири речиси секоја вечер во последниве две недели.

Ангелов неделава оствари средба и со уредникот на информативната програмата на МРТВ Горан Петрески кој рекол дека јавниот сервис нема да ги објавува бомбите сè додека Обвинителство не ја тргне забраната за емитување на вакви содржини.

Соопштението на кое се повикува уредникот на МРТВ, Горан Петревски како причина поради која не ги објавува „бомбите“ на опозицијата е од трети февруари и гласи:

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, согласно своите овластувања ќе изврши проверки во врска со фактите и околностите под кои материјалите од средбата помеѓу Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев, дошле до медиумите.

Јавното обвинителство на Република Македонија цени дека е неопходно да нагласи дека објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон.

Затоа, предупредуваме веднаш да запре објавувањето и емитувањето на ваквите материјали. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција упати Барање до МВР на РМ да стапи во контакт со мрежата на која што беше објавен материјалот за негово отстранување како и отстранување на сите слични материјали кои би се појавиле во иднина.“

Ангелов тврди дека вечерва добил анонимен повик од еден Обвинител кој му кажал дека не постои официјална одлука со која Обвинителството забранува медиумите да ги објавуваат снимките од прислушуваните разговори.

За разлика од јавниот сервис, дел до телевизиите и речиси сите интернет портали во земјава континуирано ги објавуваат прислушуваните разговори кои ги обелоденува лидерот на СДСМ Зоран Заев, а МРТ долго време е критикувана од меѓународните организации, Европската комисија, како и од домашните невладини организации и новинарски здруженија дека не ја исполнува својата законска обврска да обезбеди фер и балансирано известување за сите политички и граѓански субјетки во Македонија, односно дека уредувачката политика е пристрасна кон владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ./НОваТВ

Слични содржини