Советот за општи работи на Европската унија (ГАК), предмалку ги усвои заклучоците за Република Македонија што шефовите на државите и владите на земјите-членки на Унијата, ќе ги потврдат на Самитот на Европскиот совет во четврток, јави дописникот на МИА од Луксембург.

Пред Советот на ЕУ официјално да ги објави заклучоците за Македонија, Едгарс Ринкевичс министер за надворешни работи на Летонија, земја-претседавач со Советот на ЕУ, на прес-конференција потенцираше дека Советот за општи работи имал дебата за Македонија и дека се усвоени релевантни заклучоци.

– Дискутиравме за последниот развој на политичките случувања во земјата и нејзиниот евроинтегративен процес, што вклучува исто така пораки што ЕУ ги испраќа до политичките лидеир на земјата. Ние истакнавме дека политичките партии мора да го почитуваат договорот од 2-ри јуни и оној од 19-јуни. Исто така ја поцртавме повеќепати досега важноста од имплементација на реформи во областа на владеењето на правото, вклучително основните права, судство, слобода на медиуми и слобода на избори, корупција и партизацијата на државните институции, потенцираше Ринкевичс.

На прашањето дали доколку не дојде до смирување на политичката состојба во Македонија, Европската унија планира пожестоки реакции кон Македонија, па дури и запирање на фондовите, претседавачот со Советот на ЕУ одговори негативно.

– Не, не размислуваме во ова време за никакви понатамошни чекори. Сакам да кажам дека комесарот Хан, кој е одговорен за политиката за проширување прави големи напори за да се посвети на ситуацијата на теренот,да се посвети на дијалогот со сите засегнати страни. Ја поздравуваме работата што тој ја прави и веќе имавме вчера дебата за БЈР Македонија на Советот за надворшени рбаоти. Денешната дебата беше поконцентрирана на заклучоците на Советот и испративме јасни пораки до сите политички партии, до сите партии од политичкиот процес во БЈР Македонија дека мора да се посветат на значаен политички дијалог, да продолжат со реформскиот процес, дел од кои има и во заклучоците на Советот, потенцира летонскиот шеф на дипломатијата.

Според Ринкевичс, Унијата се надева дека оваа порака ќе биде слушната во Македонија.

– Ако ситуацијата не се промени, се разбира, како што кажавме повеќепати, ние дефинитивно ќе се вратиме на ова прашање и ќе имаме дополнителни дискусии за тоа што е дел на ЕУ. Но, во моментов нема дискусија за понатамошни чекори и мерки што ЕУ треба да ги превземе, додаде Ринкевичс

Слични содржини