Столтенберг: НАТО не планира да го зголеми военото присуство во балтичките земји

од Vladimir Zorba

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека Алијансата не планира да го зголеми военото присуство во балтичките земји, кои бараат поголема заштита од соседна Русија.

– Не предвидуваме зголемување на военото присуство во регионот, но планираме да ги зголемиме капацитетите за интензивирање на присуството, ако тоа е неопходно. Во случај на потреба треба да имаме сили, подготвени за многу брзо распоредување, посочи Столтенберг по средбата со холандскиот премиер Марк Руте во Хаг.

Генералниот секретар на Алијансата потенцира дека за тоа ќе се разговара на претстојниот Самит на НАТО, што ќе се одржи на 11 и 12 јули во Брисел. НАТО минатата година распореди четири мултинационални баталјони во Полска и во трите балтички држави (Естонија, Летонија и Литванија) со цел да реагираат при евентуални агресивни акции на Русија. Покрај тоа американската армија има распоредении и ракетни системи Патриот во Литванија, во рамките на воените вежби.

Столтенберг упати и критики кон Холандија дека одвојува малку средства за одбраната, додека Руте посочи дека во следните години Холандија нема да може да одделува два проценти од бруто домашниот производ (БДП), како што предвидува Договорот.

На Самитот во Велс во 2014 година земјите членки на НАТО се договорија да ги зголемат средства за одбрана на два процента од БДП.

– Холандија ќе ги зголемува расходите за одбарана до 1,5 милијарди евра годишно, а за целиот мандат на Владата (до 2021 година) тие ќе достигнат до вкупно пет милијарди евра. Но, со тоа нема да стигнеме до целта од два процента од БДП, но сепак и тоа е голем чекор напред, посочи Руте./МИА

Слични содржини