Строг настап на судијката во „Тотал“, Латас во судница тивок, надвор ја нарече брутална

од desk2

Детална, исцрпна, строга и децидна. Ваков беше настапот на судијката Софче Гаврилова-Ефремова на стартот на судскиот процес „Тотал“. Обвинетиот Драган Павловиќ-Латас во судница беше тивок, бидејќи судијката пред отпочнување на судењето строго опомена: „Да се почитува редот во судница и никој да не зборува без мое одобрение“.


Откако го отвори рочиштето, судијката рече дека на обвинетиот на кого му се суди му се закануваат најмалку 4 години затвор. Гаврилова-Ефремова до детали објасни како поканите за трите фирми обвинети во овој предмет патувале, но се враќале како неуредна достава.

„Во два наврати со поканите до фирмите „Тотал Маркетинг“ и „Тотал медиа центар“ во село Зелениково на кои сопственик и управител е обвинетиот не успеавме да најдеме никого и не извршивме уредна достава. Обвинетиот требаше на назначи правни застапници на фирмите, но тој тоа не го стори со образложение дека има забрана за преземање на работни обврски. Неговата забрана се однесува на забрана во делот на деловното работење, а не во делот на назначување на адвокатите“, рече судијката и укажа дека ако тие не назначат, судот ќе назначи адвокати, по службена должност.

 

Латас, како што рече судијката, побарал сам да определи адвокати на кои ќе им верува, но до сега тоа не го сторил.

Достава не била направена и до третата обвинета фирма, бидејќи судот не успеал да најде ниту знак, ниту табла со име на фирмата на посочената адреса. По ова поканата била доставена во Охрид на домашна адреса на управителот Петар Велјановски. Тој не се појави на судењето, а до судот испратил писмено известување дека поради обврски е спречен на дојде. Судот овој потег го оцени како несериозен.

Адвокатите на Латас побараа време за да се назначат адвокати на фирмите, но судијката децидно одговори: „Нема повеќе време, имавте доволно време и доста е“.

Откако доби збор од судијката, адвокатката Светлана Савиќ одговори: „Како почнавте судија, недостасува уште да ни изречете пресуда“.

Одбраната на Латас вчера во 14.30 до судот доставила приговор со кој бара прислушуваните разговори во овој предмет да не се користат како доказ. Судијката на ова образложи дека советот за оценка на обвинителен акт веќе ја донел таа одлука со самото прифаќање на обвинението и дека овој совет пред кој сега Латас седи е совет кој треба да му суди, а не жалбен совет.

Адвокатката Савиќ рече дека претходно постоел случај, посочувајќи го бројот на предметот на случајот во кој е обвинет Зоран Заев, каде првостепениот суд ѝ дал можност на одбраната да поднесе жалба и да бара незаконски прибавените докази да се издвојат од списите на предметот.

„Не се мешаме во одлуката на судот, но укажуваме на тоа дека треба да имаме право на користење на еднаквост на оружјата и право на фер одбрана“, рече Савиќ.

Судијката укажа на тоа дека одбраната имала повеќе од 20 дена откако обвинетиот го примил обвинението и тие наместо досега да побараат подготвително рочиште за овој приговор, документот до судот го доставиле вчера. По ова судењето е одложено за 7 декември, четврток, по што судијката го задолжи Латас до тогаш да си назначи адвокати на двете обвинети фирми на кои тој се води како сопственик и управител.

Судијката Гаврилова-Ефремова која е главен судија во овој предмет во судница појасни дека како втор судија до неа требало да седи Софија Лаличиќ, но бидејќи побарала изземање од предметот, на нејзино место е назначена судијката Лидија Зимбовска, која му суди на Сеад Кочан.

Обвинетиот Латас во изјава за медиумите настапот на судијката на првото рочиште го оцени како брутален и посочи дека правата кои ги имал обвинетиот Заев не му следувале и нему.

Тој рече дека не може да назначи адвокати на фирмите се додека судот не му ја тргне забраната да управува со фирмите, која му е определена согласно мерките./МКД

Слични содржини