Без паравани, без избирачки список и во кутија обвиена со листови од страните се спроведува денешното гласање за избор за претседател на Студентски парламент на Правниот факултет.

Членовите на изборната комисија на некои од студентите што гласаа, не им ставија печат ниту, пак, сакаа да кажат колкава е досегашната излезност на гласањето.

SPUKIM---860x672
– За овие прашања ние сме ненадлежни, треба да се обратите во УКИМ – велеа од избирачката комисија.

На гласањето беа присутни и членовите на „Студентски пленум“, кои од избирачката комисија бараа одговори зошто дозволуваат да се спроведат нерегуларни избори. Гласањето се одвива јавно и секој може да види што студентите заокружуваат на ливчињата.

Денеска за избор на претседател на Студенсткиот парламент гласаше и студентската правобранителка Васка Бојаџи, која ги замоли медиумите да не ја снимаат додека гласа. Таа оцени дека изборите се спроведуваат во мирна атмосфера и дека ако некои студенти сметаат дека правата им се прекршени, да се обратат кај неа.

Откако неколку членови на „Студентски пленум“ ѝ рекоа дека се обиделе да ја исконтактираат, а таа не одговара, правобранителката предложи да ѝ се обратат писмено.

– Како студент, дојдов да го остварам моето право на глас и сакам да ги повикам сите студенти, во мирна и пријатна атмосфера која прилега на нашата академска заедница, да дојдат и да гласаат. Исто така, сакам да ги повикам и оние студенти кои се обидуваат да го спречат гласањето, да се откажат од нивната намера – изјави Бојаџи.

Членовите на „Студентски пленум“ го оспоруваат гласањето и велат дека ниту еден законски услов не е исполнет.
Слична атмосфера има и на Филозофскиот факултет. Таму има параван за тајно гласање, но не и за студентите на Филолошки факултет, а и таму, исто како и на Правниот факултет, двете гласачки кутии се залепени со бели листови.

Студентите кои сакаа да гласаат не можеа да проверат дали ги има на избирачки список затоа што членовите на избирачките комисии не сакаа да ги покажат списоците.

МЕТА

Слични содржини