Во рамки на „Охридско лето“ вечер на сцената на Предворјето на црквата „Света Софија“ ќе настапи популарниот хрватски ансамбл „Судар перкашн“.381358

„Судар перкашн“ е формиран во 2010 година, со интенција да го поттикне развојот и создавањето музика за удирачки инструменти. Во него членуваат млади професионални музичари од Самобор кои се стремат кон популаризирање на овие инструменти кај младите преку работа на иновативни проекти.

„Судар перкашн“ досега соработувал со некои од најголемите имиња од светската удирачка сцена и музичката уметност воопшто, меѓу кои и композиторот Матеја Мештровиќ – соработка која резултираше со бројни концерти и настапи на еминентни фестивали на Балканот. Ансамблот има издадено и авторски компакт-диск на Мештровиќ, „Eat Suite“, за кој има освоено две награди, од вкупно шест номинации на „Индипендент мјузик авордс“ во САД.

На вечерашниот концерт од 21 часот ќе бидат изведени дела на М. Мештровиќ, В. А. Моцарт, М. Менке, Ј. М. Јаре.

Во рамки на проектот за проекции на филмови на „Вардар филм“ како дел од програмата на „Охридско лето“, вечер од 20 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде прикажан филмот „Планината на гневот“ на режисерот Љубиша Георгиевски снимен во 1968 година. Влезот е бесплатен.

Слични содржини