Судиите кои го ослободија Кочан сега ќе одлучуваат и за притворите на Грујовски, Јакимовски и Бошковски

од Vladimir Zorba

 Доколку нема промени во распоредот, претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, и судиите Ристо Катавеновски, Рахилка Стојковска, Џемали Саити и Фаик Арслани, како членови на Кривичниот совет, кои одлучуваа за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, треба да одлучат и за слободата на обвинетите од СЈО, пишува Макфкас.

Поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, поранешниот шеф на Кабинет на директорот на УБК, Тони Јакимовски и на Никола Бошковски, вработен во Управата по жалбите кои вчера ги поднесоа адвокатите на одбраната, викендов конечно ќе дознаат дали ќе се бранат од слобода.

Апелациониот суд со правната поука во одлуките, со недореченоста во Законот за кривична постапка, но и со ослободувањето од притвор на бизнисменот Сеад Кочан, практично им остави одврзани раце на адвокатите на одбраната да се жалат за одлуката до највисокиот суд.

За потсетување, Врховниот суд во мај годинава, на затворена  седница постапувајќи по барањето на Јавното обвинителство, донесе пресуда со која ги укина решенијата на Кривичниот и на Апелацискиот суд, со кои му беше одреден притвор на бизнисменот Сеад Кочан. Објаснувањето на претседателот судот, Јово Вангеловски, беше дека решенијата се укинати бидејќи СЈО не дало докази за да му биде одреден притвор на Кочан.

На донесувањето на одлуката ѝ претходеа неколку промени на распореди на судии: Претседателот на судот, Јово Вангеловски, прво ја прераспореди екс-претседателката Лидија Неделкова и на нејзино место ја донесе судијката Лидија Тасева. Потоа ја тргна и Тасева и на тоа место ја донесе судијката Рахилка Стојковска. Гласањето за случајот со Кочан покажа дека токму гласот на судијката Стојковска го обезбедил тесното мнозинство за да помине одлуката за ослободувањето на Кочан.

По преседанот со одлуката на Кочан, кој беше ослободен од притвор, додека беше во бегство и додека Врховниот суд не се произнесе за одлуката, тројцата обвинети нема да одат во притвор./Макфакс

Слични содржини