Судот не одобри притвори побарани од СЈО, се реши за мерки за претпазливост

од Vladimir Zorba

Основен суд Скопје 1 вечерва ги соопшти одлуките за пет барања од СЈО, со напомена дека за останатите ќе се решава и јавноста ќе биде информирана утре. Од петте одлуки соопштени кон крајот на денешниот ден се гледа дека не е прифатено ниту едно од барањата за притвор, а во некои случаи наместо бараната мерка се изречени мерки на претпазливост.

За барањата решавал Кривичниот совет.

Така, за случајот „Тифани“, СЈО побарало мерки на претпазливот против И.Т. заради сомнение дека сторила кривично дело даночно затајување, а Кривичниот совет на скопскиот суд го уважил предлогот и одредил обвинетата секој работен понеделник во месецот да се јавува кај надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, и а исто така и е одземен пасошот.

За „Тревник“ СЈО побарало мерки за претпазливост против З.П. и С.П., заради  бесправно градење. Судот постапил според барањето и им наложува на обвинетите  секој работен понеделеник во месецот да се јавуваат кај надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје и им ги одзема пасошите.

За случајот „Тотал“, СЈО, побарало притвор за Драган Павловиќ – Латас, а судот не го потврдил тоа, туку му изрекол мерки на претапозливос, односно одземање на пасошот и обврска секој работен понеделник во месецот да се јавува кај надлежно службено лице во Скопје 1, како и забрана за вршење работни активности поврзани со кривичното дело.

За барањето од СЈО за случајот „Титаник“ да се определи притвор за Е.А. поради уништување на изборен материјал, судот решил негативно, односно не изрекол мерка притвор.

За случајот „Тортура“, СЈО побарало мерки на претпазливост против И.А., Н.С.,Ф.А., П.М., Ј.Б. и М.Ш. поради сомневање за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување. Судот на обвинетиот И.А. му наредува секој работен петок во месецот да се јавува на надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје и забрана да се приближува или воспоставува контакти со жртвата во случајот. Останатите обвинети имаат само обврска секој работен петок во месецот да се јавува на надлежно службено лице во судот.

Против овие решенија дозволено е право на жалба во рок од 3 дена од приемот на решението. Жалбите се поднесуваат во Апелацискиот суд.

За другите случаи, Судот одлуките ќе ги соопшти утре.

Слични содржини