„Св. Апостол Петар“: Ден на рибарите во Охрид без рибари ии со замрзнат ослич !?

од Vladimir Zorba

Здружението на рекреативни риболовци „Св. Апостол Петар“ од Охрид реагира на организацијата и начинот на кој годинава се одбележа Денот на рибарите со подготовка на рибна чорба од морска риба, пишува OhridNew

-Се прашувам, а и ги прашувам организаторите дали некаде во светот на места кои изобилуваат со рибен фонд и имаат вековна традиција наместо со автохтона риба, а со цел да „заштедат“ од некој си буџет купуваат замрзнат ослич и лосос кој патем можеби е и 20 години замрзнат за да прават чорба во својот сопствен ум и разум?! Можеби ајде да речеме охридската пастрмка ја нема, но ја има охридската плашица и други видови риби, го имаме средното угостителско училиште кое е под општинска капа и продуцира готвачи, па така приготвувањето на рибна чорба треба да биде засебна туристичка атракција, почитување на старите охридски рибарски традиции и обичаи, а не да се сведe на класичен популизам, во стилот – ете ние направивме. – вели Радован Димитриески, претседател на Здружението на рекреативни риболовци „Св. Апостол Петар“.

Тој истакнува дека одбележувањето на Денот на рибарите спортските риболовци го возобновиле во 1993 година збогатувајќи ја старата охридска традиција кога рибарите на овој ден на Сараиште во раните утрински часови го фрлале влакот и голем дел од уловот го давале на народот со греана ракија и вино за здравје и подобар улов.
-Така било во тоа времем кога оваа манифестација служела и за тајно осветување на водите. А за жал во денешно време наместо чорбата да се прави со автохтона риба „генијалци“ ја прават со замрзнат лосос и ослич. Со ова одлука не навредивте сите рибари, а мислам и сите граѓани на Охрид. – вели Димитриески.

За Димитриески несфатливо е и зошто организаторот на манифестацијата за Денот на рибарите не ги поканил со учество било кое од двете риболовни здруженија во Охрид.

– Како здружение пред 9 години започнавме да ја збогатуваме манифестацијата со натпревар во рибна чорба, натпревар во правење на сардини, потоа поставување на изложбена поставка на риболовен алат со кој се ловело на Охридско Езеро, а кој не се употребува сега, стари фотографии од рибари и рибарски фамилии, презентација на поставување и вадење на риболовен алат како пештански влак, клуч и сачма кои веќе не се во употреба, натпревар во фрлање на сачма, прикажување на документарни филмови како се ловело некогаш и како сега, а бевме и иницијатори за правење на рибна чорба за Гинис. Годинава околу два часа на Сараиште можеше да се види само турканици за морска рибна чорба, сендвичи и неколку тави испржена плашица, немаше никакви обележја дека е ден на рибарите. Наместо на овој ден кој го прекрстивме од ден на масовно капење на рибарите за бериќет во ден на рибарите да му се додадат нови содржини и да прерасне во вистински фестивал на риба, кој Охрид го заслужува, денес оваа манифестација наликуваше само на социјална парада. Овој ден веќе и губи смисла затоа што со децении на овој ден започнувал лов на пастрмка за вештачки мрест, а сега и тој почнува порано. – вели Димитриески.

Оттаму, додава Димитриески, не е ни чудно што гостите од далечниот исток присутни на манифестацијата на медиумите им изјавија дека чорбата што ја вкусиле во Охрид многу е слична со нивната, бидејќи и двете се направени од морска риба.
пренесено од OhridNew

Слични содржини