Сведок во „Труст“: Кочан купи само една машина

од desk4

Со фирмата „Трансмет“ соработувам од 91 година и за овој период од мене имаат купено многу машни, рече сведокот на СЈО на денешто рочиште за случаот „Труст“ во кој првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан. Но сведокот не можеше со сигурност да потврди дали договорот кој е спорен е навистина потпишан од него бидејќи, како што рече, го менувал начинот на кој се потпишува низ годините.

„Овој договор е навистина склучен со „Трансмет“. Се колнам во бога. Требаше да му ги доставиме сите машини и јас му однесов фактура на Кочан, но тој ми кажа дека не обезбедил пари од банката. Потоа му се бендиса една градежна машина и за да не му наплаќам провизија, отиде лично во Холандија за од таму да ја купи. Тоа го направив поради пријателството на татко ми со татко му“, тврдеше сведокот во судница и додаде дека на овој начин не се разгледуваат договори, потребен му е и сметководителот и секретарката.

За СЈО пак ова е потврда дека договорот кој го приложила одбраната е лажен.

„Од денешното сведочење можевме да заклучиме што поседувал во суштина „Трансмет“ односно обвинетиот Сеад Кочан како управител на „Трансмет“ и видовме дека во суштина и како што е наведено и во обвинението се работи само за една машина која вистински е продадена на „Трансмет“ и дека само таа ја поседувал кога ја поднел тендерската документација, а во суштина другата документација, фактурите, договорот кој што ги опфаќа и останатите машини не соодветствуваат со реалноста односно се лажни“, рече Обвинителот Бубевски.

„Фактурите ниту се книжени во 2011 година, ниту се издадени, ниту ги примал, ниту имал обврска да ги плати ниту ништо, што значи се само парче хартија ништо друго“, рече обвинителот Ајро.

Одбраната на второобвинетиот, Василие Авировиќ, приговараше зошто судот ги прифаќа сведоците предложени од СЈО иако не се наведени во листата на докази. Тие го предложиле истиот сведок, а судот нема да им дозволи повторно да биде повикан.

„Во конкретниов случај на денешното рочиште приговаравме дека  СЈО ги немаше предложено овие сведоци во својата листа на докази  туку имаше предложено материјални докази“, вели Сања Алексиќ –  адвокат

На следното рочиште треба да биде сослушан уште еден сведок на СЈО. Покрај Кочан и Авировиќ во предметот е обвинет и Сафет Ватич. Тие се товарат дека со своите фирми „Трансмет“, „Силекс неметали“ и Вато“ со лажна документација формирале конзорциум за да добијат тендер од ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.

Слични содржини