Висок функционер на владејачката грчка партија Сириза изјавил за лондонски „Тајмс“ дека премиерот Алексис Ципрас веднаш ќе поднесе оставка, доколку на референдумот во недела мнозинството Грци ќе гласаат за реформите и за условите на земјите од еврозоната.

cipras

Овој функционер чиј идентитет весникот не го открива, рекол дека по повлекувањето на Ципрас, ќе биде формирана влада на национално единство која би продолжило да управува со земјата.

Лондонскиот весник тврди дека грчките гласачи се „свртуваат против сопствената влада“ поради инсистирањето на Ципрас да се одбијат барањата на кредиторите што тој ги означува како „уцена и понижување“ на Грција.

Од денеска одново се создаваат редови пред грчките банки, во обид на штедачите да ги извлечат своите пари, откако стана јасно дека владата ќе воведе „рационализација за компаниите кои бараат средства за својата редовна работа“.

Британските весници посветуваат големо внимание на ситуацијата во Грција и на неделниот референдум, за кој велат дека претставува тест за земјата и за тоа по која насока ќе продолжи понатаму, додека евроскептичните медиуми го означуваат како тест и за судбината на единствената валута, еврото.

Медиумите во Лондон тврдат дека грчките банки имаат само уште 700 милиони евра готовина, која владата повеќе нема да дава да се троши, откако повеќе од 4,5 милијарди евра беа извлечено од граѓаните, со согласност на владата во Атина.

Пролевичарскиот „Гардијан“ пишува дека ММФ ја омекнува својата позиција кон Грција и се спротивставува на тврдата позиција на земјите од еврозната. Овој весник се повикува на свои извори во ММФ според кои на грчката економија и се потребни дополнителни 60 милијарди евра заеми за да застана на свои нозе, а дека Грција би требало да добие време „за да здивне“ па дека долгот би требало да се остави во следните 20 години.

Ваквата позиција на ММФ е различна од онаа на еврозоната чии земји членки сметаат дека не може да се одложува обврската за плаќање.

„Фајненшл тајмс“ пишува дека Грците веќе не се толку сложни околу „тврдата позиција“ кон кредиторите, па многу луѓе почнале да купуваат резерви храна, за „страшното време“ што наидува и до времето кога зејата ќе доживее колапс.

Овој весник им сугерира на грчките гласачи да не го послушаат Ципрас и неговата „тврда линија“ и да гласаат за реформите што ги бараат кредиторите кои се неопходни за трајно опоравување на домашната економија.

Сосема е погрешно тврдењето на премиерот Ципрас дека доколку Грците гласаат против барањата на кредиторите тие ќе се вратат на преговарачката маса, вели „Фајненшел тајмс“, инсистирајќи дека гласот за реформите е помалото зло од двете со кои е соочена Грција.

Слични содржини