Талевски: Словенија е голем предизвик

од Vladimir Zorba

   Македонските ракометари втор ден се во Загреб. Денеска тие  ќе го започнат својот настап на Европскиот шампионат.Противник на црвено-жолтите во првото коло е селекцијата на Словенија која се закити со бронзата на  последниот Мундијал.

Еден од можеби клучните ракометари во нашиот состав, Филип Талевски кој веќе има акумулирано искуство со репрезентацијата, но и со неговите настапи во Бундес лигата и Лигата на шампиони, смета дека првиот меч против Словенија е најважен за понатамошниот тек на шампионатот.

– Треба да одиме чекор по чекор. Словенија е голем предизвик. Иако Словенците се соочуваат со бројни проблеми околу повредените играчи, сепак нас тоа нема да не залаже и нема да не опушти. Напротив. Ако одиграме максимално според договореното мислам дека може да оствариме позитивен резултат. Дуелот со Словенија за мене е најважен, бидејќи доколку отвориме со победа, ќе биде многу полесно во продолжението на првенството, изјави Филип Талевски.

Дуелот против Словенија ќе биде првиот на овој Европски шампионат за Македонија, на нивното петто учество на континенталните првенства.

Настапот во Хрватска за повеќемината од оваа селекција буди убави спомени, бидејќи Лазаров и дружината токму во оваа земја 2009-тата година кога играа на Мундијалот, го започнаа својот континуитет на настапи на сите големи натпреварувања.

Првиот меч македонските ракометари ќе го играат утре во терминот од 19 часот и 30 минути, откако претходно во воведниот дуел од Ц групата од 17:15 часот ќе се сретнат Германија и Црна Гора.

Слични содржини