Мајката на Тамара, Жаклина Димовска, на денешниот протест откри дека со парите од донациите за лекувањето, ја погребале Тамара. На протестот со едноминутно молчење присутните и оддадоа почит на малата Тамара и порачаа дека детскиот живот нема цена.

Со црвените картони во рацете побараа оставки од министерот за здравство, Никола Тодоров, од заменик министерот Јовица Андонов, од директорката на Фондот за здравство Маја Пaрнарџиева Змејковска и вториот директор Џемали Мехази, од докторката Аспазија Софијанова, заменичката претседателка на лекарската комисија чиј потпис стои на решението со кое се одбива барањето за операцијата на Тамара во странство.

„Дајте оставки. Морално е да ве снема од системот што монструмски сте го креирале. Дајте оставки за да се сруши системот кој ви служи за реклама и пропаганда. Дајте оставки за да не ни умираат луѓето. Сите вие одговорни за смртта на Тамара, особено ти министре, од сите нас имате црвен картон. Време е да се повлечете и да ја признаете својата не моралност. Тамара и нејзините родители тоа го заслужуваат“ порачаа присутните на граѓанскиот собир во Велес.

На велешани кои денеска дојдоа на протестот кој се одржа под мотото „Секое наше дете е Tамара“, мајката Жаклина, им се заблагодари:

– Системот на лошите комисии, две комисии и еден Фонд, едно Министерство, еден правен систем ја потпишаа смртта на мојата Тамара. Систем во кој се се решаваше по телефон од страна на власта за тоа кој има право на живот а кој не. Ја оставивте Тамара да чека да се отвори Спинален центар во кој и кажавте дека не може да се лекува. И не ни го дадовте решението за да можеме да видиме за што ја уништивте, зошто?

Слични содржини