Откако Унгарија одлучи да ги затвори своите граници, Фејсбук групата „Avoid Hungary – Migration news“ (Избегнувајте ја Унгарија – вести за бегалци) подготви мапи со алтернативни рути кои како летоци им се делат на бегалците на македонската граница, јавува Танјуг.

izbjeglice-Poljska

На Фејсбукс страницата се објавени неколку мапи на кои се прикажуваат алтернативни правци кои им се препорачуваат на бегалците, од кои едната води преку хрватската област Славонија, пренесува телевизијата N1 Хрватска.

На грчко-македонската граница, од македонска страна волонтерите на бегалците наводно почнале да им делат летоци на кои се наоѓаат тие карти и да ги насочуваат кон алтернативните правци со цел да ја избегнат Унгарија, јавува Танјуг. Во Унгарија веќе се евидентирани првите приведувања на мигранти кои ја оштетиле оградата. Унгарија од полноќ го применува изменетиот закон за границата според кој за илегално преминување е предвидена затворска казна од три години.

Самата граница е и физички затворена откако по изградбата на оградата, затворен е и последниот премин што го користеа бегалците, а тоа е пругата Суботица – Сегедин, каде вчера попладне беше поставен вагон со бодликава жица.

Група бегалци утрово ја пресече оградата на границата меѓу Унгарија и Србија по што полицијата веднаш приведе 16 мигранти, кои ќе бидат првите врз кои ќе биде применет новиот закон за државната граница.

Според хрватската телевизија N1 во Хрватска почнале да пристигнуваат и првите бегалци, но засега тоа се индивидуалци и мали групи.

Началникот на Управата за граница при Министерството за внатрешни работи на Хрватска Златко Соколар смета дека постои реална можност по затворањето на унгарската граница, бегалците да тргнат кон Хрватска, на чија граница засега е мирно, без обиди за илегални премини.

Слични содржини